Линкови за пристапност

Нимиц: Нема решение без некаков вид на компромис


Глас на Америка на македонски: Ваше првично резиме од најновата серија средби е дека има значителен јаз меѓу страните. Во која насока понатаму ќе се движат преговорите?

Метју Нимиц: Имавме интензивни разговори во Њујорк: и одвоено - меѓу мене и секој од двата претставника, амбасадорот Василакис и амбасадорот Димитров - а утрово имавме и средба сите тројцата. Позиците беа изнесени мошне артикулирано од обајцата. Ова е по првпат двете страни да реагираат на предлогот што го дадов на 19-ти февруари. Обајцата се враќаат на своите влади за да ги објаснат позициите. Имаат различни позиции. Потоа ќе ме контактираат и ќе видиме до кој степен и како можеме да продолжиме.

Глас на Америка на македонски: Дали сметате дека има простор за постигнување договор? Грчката страна инсистира дека приемот на Македонија во НАТО зависи од постигнување на решение пред Самитот во Букурешт, додека македонската страна одбива да биде принудена да избира меѓу името и членството во НАТО. Дали Македонија треба под притисок на време да донесува одлука што го вклучува националниот идентитет, а во полза на членство во НАТО?

Метју Нимиц: Не мислам дека е вклучено прашање на национален идентитет. Идентитетот на македонскиот народ во поранешната југословенска република Македонија не е во прашање. Јас посекако имам огромен респект за нив, за нивната етничка припадност, јазик, култура и позиција на Балканот. Ова не е прашање на национален идентитет, туку на тоа дали можеме да постигнеме политичко решение за прашањето што е на маса веќе извесно време. Тоа се обидуваме да го сториме. Што се однесува до делот за

НАТО, јас сум пратеник на ОН кој помага во прашањето за името. Релацијата со членството во НАТО не е на маса на моите преговори. Меѓутоа, треба да се биде реален и да се знае дека ова е големо прашање, дека претстои средба во Букурешт на која ќе се говори за проширувањето на НАТО и дека има интерес во регионот тоа да се оствари. Што и да можеме да сториме за да го овозможиме тоа - ќе биде од помош. Дали може да се изнајде задоволително решение во временската рамка за која говориме – тоа е отворено прашање.

Глас на Америка на македонски: Кои се шансите за одржливо, договорно решение? Над 120 земји веќе ја имаат признато Македонија под уставното име – три од нив членки на Советот за безбедност на ОН?

Метју Нимиц: Се` додека ова прашање не се реши, тоа виси во воздухот и има консеквенци и во билатералните односи, и во регионот. Дозволете ми да кажам дека како посредник, јас ги почитувам позициите на обете страни и мислам дека ги разбирам. Мислам дека доколку дојде до решение, тоа ќе отвори огромни можности во регионот Атина и Скопје да работат заеднички - двете земји и двата народа, без никакви спорови. Тоа би бил несекојдневен придонес што ќе го отвори регионот кон евро-атлантскиот свет на мошне побрз и порешителен начин. Да не се реши ова прашање – тоа ќе остави болна точка во животот на регионот и мислам дека ќе доведе до влошување на ситуацијата. Има толку многу позитивни аспекти во полза на постигнување на решение, и за обете земји и за целиот регион, но и толку многу негативности кога би се дозволило ова нешто да се провлекува и понатаму. Мислам дека народите од обете земји треба да подадат рака и да кажат – сакаме решение. Очигледно, имаат различни гледишта за тоа што треба да биде решението. Мое гледиште е дека, освен доколку не уследи некаков вид на компромис, нема да има решение. Сметам дека компромисите се благородни потфати. На луѓето кои прават компромиси треба да им се даде голем политички кредит. Ако луѓето сакаат решение што е 100 проценти во нивна насока, тоа е мошне фина позиција, но не и начин да се најде решение.

Глас на Америка на македонски: Ако јадрото на проблемот е дека Македонија го смета прашањето за билатерално, додека Грција смета дека е меѓународно, тогаш што можат ОН да сторат што веќе не сториле досега? Преговорите траат даалеку повеќе од една деценија...

Метју Нимиц: Меѓународните проблеми се проблеми бидејќи се тешки. Временската рамка за решавање може да биде години или месеци, а понекогаш проблемите што наликуваат дека се нерешливи, се решаваат на неколку начини. Еден начин е кога се менуваат околностите. Нешто што личи тешко во тек на една година, пет или десет години подоцна луѓето велат – ова може да го решиме – ситуацијата е поинаква. Исто така – лидерство. Во обете земји има силни лидерства, мошне интелигентни луѓе. Тие знаат што е залогот, знаат кои се можностите за успех, знаат кои се ризиците од неуспех, и иако имаат цврсти ставови, исто така знаат дека како остварени политички лидери не постигнувате успех лесно, и не го остварувате стопроцентно. Треба да направите извесни прилагодувања кон соседот. Лидерството е различно со годините и овојпат можеби лидерството во обете земји е во ситуација во која може да се справиме со ова. Можете да бидете песимист или оптимист. Десет години можеби звучат како долго време, но македонското прашање можеби е присутно речиси стотина години, можеби уште од Договорот од Букурешт од 1913-та, нели? Не сакам да загубам надеж. Воедно сум и реален, но не сакам да загубам надеж.

Глас на Америка на македонски: Како планирате да ги премостите разликите? Грција вели дека Македонија е на потег да покаже подготвеност за компромис, додека Македонија укажува дека направила големи компомиси досега со промената на знамето и на Уставот.

Метју Нимиц: Беа направени компромиси. Времената спогодба беше мошне важен чекор. Јас бев американски преговарач за Времената спогодба 1994-95-та. Мислам дека јас сум единствениот се` уште активен во овие преговори од 1994-та - наваму. Некои луѓе мислат дека е чудно да се биде посветен толку долго, но се сеќавам на тоа време. Беа направени компромиси во тоа време, но таа спогодба е завршена. Сега говориме за нов договор и луѓето треба свежо да погледнат што може да се стори, а што не. Мислам дека прашањето не е да се гледа назад, туку напред.

XS
SM
MD
LG