Еленовски вели дека генерална оценка од средбите со американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс и други американски претставници е дека земјите ги исполниле армиските критериуми за членство, и дека ги споделуваат глобалните безбедносни обврски, како во Авганистан и Ирак:
- Сите сме оптимисти. Посебно тука во Вашингтон, генерално оценката е дека државите се подготвени да станат членки на големата демократска Алијанса и дека ги исполнуваат основните критериуми. Тоа е став на американската администрација.
Грција инсистира дека патот до НАТО е преку спогодба во врска со името. Македонија тврди дека разликите околу името се билатерално прашање. Каква е македонската стратегија ако стане „сојузничко“ прашање, во случај Грција да ја блокира поканата? Еленовски коментира дека е жално што се вметнува прашање што „го нема во природната агенда на НАТО“:
- Не само Македонија, туку и Алијансата ќе треба во многу што да се запраша, доколку дојдеме до такво нешто. Јас на тукашните состаноци истакнав дека прашањето за вето е многу карактеристично. Еден од основните критериуми во Алијансата е принципот на консензус. Тој се однесува на процесите и цивилизациските вредности и критериуми што треба да ги исполни едно општество, а не на одредени конкретни политички или дневно-политички прашања. Тука има одредена злоупотреба на принципот на консезнус. Цврсто верувам дека принципот на консензус не е идентичен со правото на некоја држава да поставува вето.
На состаноците во Вашингтон се разговарало и за проширување на Јадранската група:
- Отворени сме сите држави да станат дел од таа група. Тоа не смее да остане елитен клуб само на три држави. Овој регион треба целосно да се интегрира што значи дека во сите форми, во сите регионални иницијативи треба да можеме да гледаме сите да се приклучат.
Еленовски има дијаметрално спротивно мислење од директорот на источно-европските студии од Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон Мартин Слецингер, кој смета дека косовската независност на крајот ќе доведе до тоа Албанците во регионот да побараат да живеат во една држава, и дека Македонија ќе биде жртва на таквиот исход:
- Мислам дека тоа е сепак некој ветер од минатото. Треба да продолжиме напред, да градиме. Не` очекува голема интеграција, цивилизациска придобивка за сите наши граѓани, каде утре - друг ден многу помалку ќе биде битно каде е линијата на границата - како што не знаеме кога поминуваме од една во друга држава во Западна Европа, така што тоа прашање едноставно ќе биде тргнато целосно од агендата, бидејќи самиот менталитет ќе биде дефинитивно променет.
Ова е последната политичка линија која е исцртана на картата, вели Еленовски, нагласувајќи дека крајна цел на Балканот е евро-атлантска интеграција на целиот регион.