Зборувајќи пред новинарите во Пентагон, бригаден генерал на Воздухопловството Томас Хартман ги соопшти првите обвиненија против осомничени заговорници во нападите од 11 септември во кои беа убиени близу три илјади луѓе во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија. Генералот Хартман, правен советник на системот на американски воени трибунали, ги идентификува шестемина обвинети:
-Обвинети се Калид Шеик Мохамед, Валед Бин Аташ, Рамзи Биналшиб, Али Абдул Азис Али, Мустафа Ахмед Адам ал Хавсави и Мохамед ал Катани.
Секој од обвинетите е осуден за заговор, убиство како прекршување на законот за војна, напад на цивилни објекти и тероризам, меѓу другото.
Армијата препорачува сите да бидат судени наеднаш пред воен трибунал во Заливот Гвантанамо, во Куба, и за сите бараат смртна казна. Хартман вели дека обвиненијата претставуваат долго и софистицирано планирање на ал-Каида да ги нападне САД, што било координирано од Калид Шеик Мохамед:
-Обвинението наведува дека Калид Шеик Мохамед бил осмислувачот на нападите од 11 септември, предлагајќи му го оперативниот план на Осама бин Ладен уште во 1996, добивајќи одобрение од него и финансирање за операцијата, обука на грабнувачите и вршење надзор на сите аспекти на операцијата во Авганистан и Пакистан.
Обвиненијата се преведени на јазиците на обвинетите и им се лично предадени. Тие потоа одат кај судијата Сузан Крафорд која има целосна дискреција за тоа како ќе постапи со нив и дали ќе бара или не смртна казна.
Ако случаите се изнесат пред суд, тоа ќе донесе засилување на истрагата за системот на армиската комисија, кој беше критикуван од групи за граѓански права заради тоа што на осомничените не им е дадена иста заштита како во американските граѓански судови. Друго прашање е дали обвинителите ќе може да ги употребат признанијата или други информации изнудени со контроверзните испрашувачки техники. Минатата недела директорот на ЦИА Мајкл Хејден јавно потврди дека Калид Шеик Мохамед и други двајца осомничени терористи биле подложени на процедура на симулирано давење.
Генералот Хартман кажа дека судот ќе реши кои докази се прифатливи.
САД сеуште држат околу 275 лица во контроверзниот центар Гвантанамо.