Линкови за пристапност

Маневарскиот простор за нов предлог за името е минимален


Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на Република Македонија

Глас на Америка на македонски: Колку е Македонија близу до НАТО?

- Никогаш не сме биле поблиску. Македонија заедно со двете други земји-членки на Јадранската повелба, влезе во екипата на квалификувани кандидати кои може да сметаат да бидат поканети во НАТО затоа што придонесуваат и знаат да споделат одговорност.

Глас на Америка на македонски: Кои се оценките од разговорите со официјалните американски претставнци?

Оценките се дека Македонија е добредојдена во НАТО, дека Македонија, Албанија и Хрватска ќе бидат додадена вредност на стабилноста, мирот, демократијата и економскиот развој во регионот, како и дека и НАТО, и регионот, ќе добијат со проширувањето.

Глас на Америка на македонски: Американската влада ги демантираше тврдењата во грчкиот печат дека ќе излезе со нов предлог за решавање на разликите во врска со името меѓу Република Македонија и Грција. Кој е вашиот став?

Изнесување на такви предлози не е мандат на влади, особено не на трети влади. Мислам дека тоа е мандат на господинот Нимиц. Тој се занимава со таа работа, размислува на таа тема, за тоа е задолжен и има таква мисија. Прашањата за деманти или потврди на оваа тема би требало да бидат упатени кон господинот Нимиц, кој, секако, работи на случајот и размислува во одреден период да излезе со одредени решенија.

Глас на Америка на македонски: Се добива впечаток дека медијаторот Метју Нимиц ги исцрпи сите предлози кои во различни периоди беа отфрлани од Атина и од Скопје. Дали очекувате дека Нимиц се' уште има маневарски простор за нови идеи?

Мислам дека маневарскиот простор е сведен на минимум, особено по одбивањето на неговиот последен предлог во октомври 2005-та, кога грчката влада експресно негативно реагираше на таквиот предлог. Штета, тоа беше добра можност да се продолжи процесот со едно прогресивно темпо. Денес Грците велат дека бараат навремено решение, иако ние сметавме дека и во октомври 2005-та беше сосема навремено да се разговара за можни решенија. Како и да е`, ние ќе продолжиме со еден конструктивен однос. Се надеваме дека ќе успееме ова прашање во некое догледно време да го оставиме зад нас.

Глас на Америка на македонски: Мислите ли дека ветото од грчка страна е реална опција?

Состојбата во Грција денес внатрешно-политички потсетува на состојбата во Грција 1992-93-та година, кога тие го наметнаа и го измислија овој спор со името. Нивните внатрешно-политички скандали Грција секогаш се обидувала – некои грчки политичари се обидувале да ги покријат со дефокусирање на вниманието и зголемување на таа херојска таканаречена реторика во однос на споредни или надворешно-политички прашања. Загрижен сум дека и овојпат поради неколку скандали во Грција заради кои владата е мета на критика, тие може да го злоупотребат прашањето на името и нивната можност да го блокираат членството во НАТО за да се спасат внатрешно-политички. Се надевам дека кај нив разумот ќе преовладее, но има една голема доза на непредвидливост во нивното однесување.

XS
SM
MD
LG