Македонската Влада одлучи да се спротивстави на глобалниот тренд на поскапување на храната. Со конкретни мерки ќе се обиде да го намали ценовниот шок: ќе побара од трговците и производителите да ги намалат цените на лебот, маслото за јадење и млекото за 10 до 15 проценти, ќе пушти пченица од државните резерви поефтина за 20 проценти од пазарната цена и на социјално најзагрозените семејства ќе им додели парична помош.
Ќе се формира комитет составен од економските министри што ќе ги следи цените и ќе разговара со трговците и со производителите. Засега во Владата не знаат каков ќе биде исходот од разговорите:
-Доколку постигнеме согласност тоа ќе се имплементира веднаш. Значи, ние ќе работиме најбрзо што е можно за веднаш да се почувствува ова. Меѓутоа, треба и другата страна да се согласи на ова, зашто практично, во една пазарна економија не можеме со директива да ги наметнеме тие мерки. Потребно е да имаме согласност и од страна на трговците и од страна на производителите, вели вицепремиерот Зоран Ставревски.
За возврат, Владата ќе им гарантира дека во следните шест месеци цената на електричната енергија нема да се зголеми, а производителите ќе можат да набавуваат пченица од стоковите резерви поефтина за 20 проценти од пазарната цена.
Најзагрозените семејства, кои примаат социјална помош од 800 до 2.400 денари ќе добијат и парична помош-по илјада денари во следните три месеци.
- Најзагрозените слоеви на населението, некаде околу 7.000 семејства ќе бидат носители на ваква помош.
Со конкретни задолженија се и Комисијата за заштита на конкуренцијата и Пазарниот инспекторат. Ќе испитуваат дали поскапувањата се реални или тие се резултат на договори меѓу трговците.
По Хрватска и Словенија, Македонија е трета земја од регионот што презема конкретни мерки за справување со глобалниот тренд на поскапување на храната и нафтата.