Божиќните елки во САД не се само празнична традиција туку и добар бизнис. Секоја година Американците купуваат околу 30 милиони природни елки. Тие растат на специјални фарми како оваа во сојузната државата Вурџинија - „Пеперминт фарма за божиќни елки“.
Џоан Бартлет и нејзиниот сопруг Бил пораснале во Вашингтон. Како деца, мечтаеле да станат фармери. Во 1972-ра, купиле земјиште во Калпепер, Вирџинија – на два часа со автомобил од главниот град. Таа раскажува како почнале со бизнисот:
-Насадивме неколку божиќни елки, за семејството и пријателите да дојдат и сами да ги исечат. Испадна дека засадивме повеќе отколку што ни требаше за пријателите и семејството.
Семејството Бартлет потоа го отворило бизнисот „избери и исечи“ божиќни елки за јавноста во 1994-та. Сега, фармата Пеперминт има 6.000 борови и елки. Џоан вели дека конкуренцијата е пријателска, но заработувачката не е голема, особено затоа што продажбата годинава опаднала:
-Претпоставувам дека Божиќното дрво е луксуз без кој се може за време на празниците.
Првите два недели од декември се најзафатен период за продажба на елки. На фармата не само што избирате и сечете своја елка – децата имаат можност да ги видат и нахранат животните, плус да добијат бесплатни бомбони.
Фармата зависи од помошта на целото семејство. Внукот Џон тука доаѓа со девојката. Вели дека се обидува да помогне колку што може почесто. Но, овојпат, тие се дојдени со друга цел – да ја изберат својата елка за Божиќ.