Линкови за пристапност

Милошоски лобира во Вашингтон за членство во НАТО


Министерот Милошоски вели дека на вчерашната средба со американскиот заменик-советник за национална безбедност Џејмс Џефри ја претставил апликацијата на Република Македонија за членство во НАТО, го истакнал нејзиното учество во мисиите на Алијансата, како и придонесот во однос на регионалните предизвици:

- Едно е јасно: и за САД, и за Македонија, проширувањето на НАТО-алијансата е еднакво на успех, што ќе придонесе за натамошна консолидација на безбедносната архитектура во регионот.

Милошоски е убеден дека Македонија, заедно со Албанија и Хрватска, има и желба и капацитет, но и поддржувачи до наредниот самит на НАТО во април 2008-ма да биде максимално подготвен кандидат - зрел да добие покана за членство. Првиот човек на македонската дипломатија смета дека американската влада е задоволна од тоа што власта и опозицијта во последните неколку недели најдоа заеднички јазик за неколку клучни реформски закони што се дел од агендата за влез во НАТО. Милошоски во Вашингтон разговарал и за регионалните прашања и улогата на Македонија во процесот на одлучување на конечниот статус на Косово:

- Процес кој ќе донесе со себе и одредени предизвици, и процес во кој ние како земја-кандидат за членство во НАТО тесно ќе соработуваме и ќе ги кооординиаме нашите активности со Вашингтон.

Милошоски вели дека Македонија вложува напори за разрешување на спорот со Грција околу името, но подвлекува:

- Тоа не е еден од суштинските критериуми за добивање на покани за членство во НАТО.

Милошоски додава дека и во Вашингтон ги истакнал двете иницијативи на кои Македонија посакува позитивна реплика од грчка страна:

- Прво, да воспоставиме една динамика на високи официјални средби меѓу нашите политичари, за да може меѓусебно и директно да разговараме за прашањата кои не` обединуваат, како и за прашањата за кои има различни стојалишта. Од друга страна, да воспоставиме една заедничка, мешовита образовно-историска комисија која би имала за задача да ги разгледа оние историски или образовни книги и во двете држави, оние поглавја каде двете земји можат да најдат поголема и поширока заедничка основа за споделување на нашето блиско и подалечно минато – нешта кои треба да не` поврзуваат што повеќе.

Денес министерот Милошоски очекува да биде примен од заменик-државниот секретар Џон Негропонте. Вчера тој имаше одвоени средби со сенаторот Мел Мартинез и конгресмените Бил Пасквел и Марк Саудер.

XS
SM
MD
LG