Линкови за пристапност

ОБСЕ: Изборите во Русија не ги исполнија демократските стандарди


Изборните набљудувачи од Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа велат дека изборите од неделата во Русија биле нечесни и не ги исполниле демократските изборни стандарди.

Претставниците на ОБСЕ на прес-конференцијата во Москва изјавија дека изборите во неделата биле одржани во атмосфера на сериозно ограничен политички натпревар. Претседателот на парламентарното собрание при ОБСЕ, Горан Ленмаркер посочи на кампањата на претседателот Владимир Путин во корист на владеачката партија Обединета Русија.

Здружувањето на државата со политичките партии претставува злоупотреба на власта и јасно прекршување на меѓународните определби и стандарди. Второ, медиумите покажаа огромна наклонетост кон претседателот и владеачката партија Обединета Русија.


Од друга страна, претседателот Путин вели дека изборните резултати зборуваат сами за себе.

Тој вели дека е зголемена легитимноста на рускиот парламент. Путин подвлекува дека 90 проценти од гласовите на изборите во неделата биле во полза на партиите кои ќе имаат свои претставници во новиот парламент, наспроти 70 проценти во полза на партиите од стариот парламентарен состав.

Шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Лук ван ден Бранде, истакнува дека избирачите можеле слободно да излезат на гласање, но, како што вели, изборите го прекршиле Кодот на добра пракса на Советот на Европа, составен од 47 земји-членки.

Постои строга определба која повикува јавната власт, и тука пред се претседателството, да има неутрален став кон учеството на одредена партија во изборите, за медиумското покривање на настанот и финансирањето на партиите.


Иако не беше кандидат, името на Путин беше на чело на листата кандидати од неговата партија. Тој честопати одржуваше и говори на предизборните кампањи, емитувани, според европските набљудувачи, преку медиумите под сто процентна државна контрола.

Претставници на ОБСЕ наведуваат и случаи на застрашување на припадници на опозицијата, нивно приведување, одземање на изборниот материјал, закани кон гласачите и потенцијална злоупотреба на гласачки ливчиња за оние кои во моментот биле отсутни.

Во меѓувреме, мониторинг мисиите на пост-советските соседи во рамки на Комонвелтот на независни држави, како и кинескиот набљудувачки тим од Организацијата за соработка на Шангај, изборите во Русија ги прогласија за фер и слободни.

XS
SM
MD
LG