Линкови за пристапност

Каков финален статус за Косово?


Претставникот на ЕУ Волфганг Ишингер преговорите лице-в-лице ги прогласи за неуспешни, велејќи дека страните не можеле да постигнат никаква согласност. Тој додаде дека посредниците се обиделе да наметнат секакво можно решение за проблемот, но никако не можеле да го надминат јазот меѓу косовската и српската страна.

Етничките Албанци, кои сочинуваат 90 проценти од двомилионското население на Косово, бараат независност, додека Србија би прифатила автономија, но не и независност.

Косово е под административна належеност на ОН уште од 1999, кога како одговор на етничкото чистење од страна на Србија, НАТО изврши воздушни напади, по што српските сили беа принудени да се повлечат од покраината.

Американскиот претставник во преговорите Франк Визнер ги повика обете страни да се придржуваат на определбата за воздржување од насилство. Српскиот претседател изјави дека ситуацијата е сериозна, а премиерот ја отфрли најавата од косовска страна за итно прогласување на назависност, велејќи дека за тоа се овластени само ОН. Косовските лидери, пак, инсистираат дека преговарачкиот процес е завршен и дека прогласувањето на независност ќе го координираат со САД и ЕУ.

За време не телеконференција со новинари од Вашингтон, францускиот командант на силите во Косово – КФОР под раководство на НАТО, Ксавиер де Манак изјави дека е подготвен за што и` да се случи:

- КФОР во моментов е подготвен, и тоа не само во однос на планирање, туку и во однос на обуката и опремата.

Во КФОР учествуваат војници од 24 земји.

Џејмс Лион, аналитичар со седиште во Белград, кој работи за Меѓународната кризна група, оценува дека разговорите не се комплетно неуспешни:

- На извесен начин, преговорите на тројката се успешни, бидејќи на многумина скептици во рамки на ЕУ им докажаа дека е невозможен натамошен напредок по прашањето. Ова беше основен елемент - Унијата да ги увери членките да ја поддржат идејата за прифаќање на едностраното прогласување на независност.

Генералот Де Манак ја повика меѓународната заедница да даде јасни упатства до КФОР. Тој е загрижен како ќе се одвива транзицијата на администрацијата – од ОН во раце на ЕУ, планирана за почетокот на 2008-ма година.

XS
SM
MD
LG