Линкови за пристапност

Во Македонија има константна поддршка за влез во НАТО


Интервју со Џон Кевано, директор на програмата за Македонија од меѓународниот Републикански институт

Огромната јавна поддршка во Македонија за влез во НАТО значи дека граѓаните разбираат дека стабилноста на земјата ќе привлече странски инвестиции и ќе поттикне екомски развој, смета Џон Кевано, директор за Македонија при Меѓународниот републикански институт.

Анкетите на ИРИ во Македонија покажуваат константна поддршка за членство во НАТО и влез во ЕУ, оцени Џон Кевано:

- Поддршката за НАТО е 91 отсто, што претставува иста бројка како и во претходната анкета во јуни. Поддршката за ЕУ е 95 проценти - иста како и претходно.

Кевано ја интерпретира огромната поддршка во смисла на тоа дека Македонците разбираат дека економскиот развој зависи од пристапот во евро-атланските институции. Колку се задоволни македонските граѓани од работата на владата на економски и социјални прашања?

- Ова е добро прашање. Ние го испитуваме рејтингот на работата на владата на премиерот Груевски од 2006-та. Забележуваме особено голема поддршка за владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Поддршката е постојана од 2006-та до јуни 2007-ма. Но, најновата анкета покажа опаѓање на оптимизмот меѓу избирачите. Луѓето се малку понезадоволни и има малку поголемо негативно гледање на политичките и социјални структури во земјата.

Според Кевано, економскиот оптимизам кај македонските граѓани се должи на неколку фактори – економски и политички:

- Од една страна, граѓаните гледаат на прашања од регионалната стабилност и внимателно го следат прашањето во врска со конечниот статус на Косово, почнувајќи да увидуваат дека тоа би можело да има дестабилизирачки ефект врз Македонија. На домашен план, граѓаните се загрижени за релативно слабиот политички дијалог меѓу власта и опозицијата.

Според директорот за Македонија при ИРИ клучот за решавање на социјалните и економските проблеми е создавање клима за привлекување на странски инвестиции.

XS
SM
MD
LG