Во Њу Орлеанс, претседателот го посети првото училиште што повторно беше отворено во еден од најсиромашните квартови во градот. Го нарече местото на надеж во градот што заздравува:
- Ураганот Катрина ги уништи насипите, скрши многу срца, уништи згради, но не го погоди духот на многу жители од оваа заедница.
Претседателот рече дека определбата на луѓето и владата е силна, но призна дека две години по ураганот, задачата за повторна изградба и натаму е голема. Буш додаде дека напредокот во обновата може да изгледа бавен за оние кои живеат во погодените квартови, но дека за оние кои одвреме-навреме го посетуваат регионот, разликата во направеното паѓа в очи:
- Понекогаш е тешко за луѓето да го забележат напредокот кога живеат во заедницата. Лора и јас не живееме тука, доаѓаме по поводи. Лесно е да се присетите како беше веднаш по ураганот Катрина и како е денес. Градот повторно се враќа!
Претседателот зборуваше за милијарди долари одделени за изградба на инфраструктура, домови, помош на луѓето со цел да продолжат да живеат. Тој рече дека приоритет е поправка и зајакнување на браните што попуштија пред невремето, по што водата навлезе во градот кој инаку во поголем дел е под морското ниво:
- Разбираме дека Њу Орлеанс нема да се обнови додека нема доверба во браните. Една работа е планирањето. Друга работа е да се убедат луѓето дека браните ќе издржат секакво невреме.
Повеќето од поправките на насипите се завршени, а интензивните напори за нивно зајакнување треба да завршат до 2011-та. Браните се во надлежност на федералната влада и армиски инженери кои го водат проектот.
Генералот Расел Хонор ги предводеше трупите кои му помогнаа на Њу Орлеанс:
- Обновата бара тимска работа. Кога гледаме во иднината, да се присетиме на поуките од Кактрина и да кажеме – никогаш повеќе да не ни се случи.
Администрацијата на претседателот Буш беше критикувана за првичниот одговор на ураганот во кој загинаа околу 160 луѓе, а десетици илјади беа оставени без покрив над глава долж Мексиканскиот Залив.