Линкови за пристапност

Завршија разговорите Буш-Браун во Кемп Дејвид


Двајцата лидери ова го изјавија на заедничката прес-конференција по вчерашната средба во претседателското одморалиште Кемп Дејвид во близина на Вашингтон. Фокусот на разговорите била војната во Ирак, глобалната трговија, тероризмот и конфликтот во суданскиот регион Дарфур. Ова е прва нивна средба откако Браун минатиот месец дојде на функцијата.

За Ирак, Гордон Браун истакна дека 5.500-те британски војници ќе останат во земјата се до завршувањето на мисијата. „Во Ирак, имаме обврски што треба да ги исполниме и одговорности кои ќе ги одржиме“, кажа британскиот премиер.

Тој додаде дека САД и Британија се залагаат за услови во кои Ирачаните контролата ќе ја имаат во свои раце. Изјавата се совпаѓа со ставот на претседателот Буш дека одлуката за бројноста на американските војници во Ирак зависи од ситуацијата во оваа земја.

Запрашан дали смета оти војната ќе продолжи и додека трае камапањата за претседателските избори во САД наредната година како и по инаугурацијата на следниот претседател во 2009, Буш навести дека тоа може да се случи.

„За успех во Ирак ќе биде потребно долго време, исто како што ќе биде потребно долго време за добивање на идеолошката борба против екстремистите“, рече тој.

Американскиот лидер подвлече дека верува оти Британија останува непоколеблива во борбата во Ирак и дека британскиот премиер е свесен за сето она што е ставено во залог.

Британски претставници се обидоа да ги минимизираат шпекулациите дека односот на Браун со Буш нема да виде близок како оној на Тони Блер, кој го напушти местото шеф на британската влада на 27-ми јуни годинава. Браун изрази надеж дека ќе ги зајакне врските со САД, што Британија ги смета за своја најважна билатерална релација.


XS
SM
MD
LG