Поканата за членство се очекува девет месеци отсега, вели весникот, но Република Македонија напорно се обидува да се претстави како актуелна членка на Алијансата. Нејзини трупи се разместени на меѓународните проблематични коти, политичарите во земјата говорат за безбедносно партнерство и се великодушни домаќини на конференции на НАТО со цел да ги демонстрираат про-западните вредности.
Политичката целисходност ќе ја охрабри западната воена алијанса да ги прими земјите кои имаат волја да бидат дел од сојузот, го цитира Фајненшел Тајмс националниот кооординатор за НАТО Никола Димитров.
Во текстот за капацитетот и подготвеноста да биде дел НАТО, угледниот американски весник потенцира дека Македонија минатата година го зголемила учеството на силите во составот на ИСАФ во Авганиснан на повеќе од 100-тина, вклучувајќи специјални сили и медицински персонал. Македонски контигент војници е под командата на САД и во Ирак, а се подвлекува и учеството на европско тло, во мисијата Алтеа во Босна.
Западни дипломати коментираат дека Македонија е на чекор до добивање покана за членство иако останува специфични барања да бидат исполнети во следните месеци. Уверен сум дека ќе бидеме подготвени - порачува премиерот Груевски за весникот. Според него, спроведувањето на политичките и економски реформи за општо добро водат кон НАТО и ќе влијаат на зголемување на животниот стандард, но и ќе помогнат за евентуалниот влез во ЕУ.
Фајненшал тајмс потсетува дека остануваат различните пречки за секоја земја од Јадранската група. Во контекст на воената подготвеност и демократскиот развој се наведува дека Албанија е најслаба. Како контраст, влезот на Хрватска веќе е завршена работа, вели весникот. За Македонија, која историски беше најсиромашна република од поранешна Југославија, интеграцијата во НАТО и ЕУ е важен сегмент од напорите за заживување на економијата и намалување на невработеноста. Анкетите за разлика од Хрватска која има проблеми со убедување на јавноста, покажуваат дека 90 отсто граѓани се за влез во НАТО, што се толкува како индикатор за консензусот меѓу двете главни етнички групи по ова прашање од национален интерес.
Дописникот од Фајнешал Тајмс го цитира националниот координатор за НАТО Димитров, кој најавува дека покрај тоа што Македонија во моментов има распоредено 200 војници во странски мисии, планира нивниот број да го зголеми на 500 во рамки на мултинационалните сили до 2009-та, а нивниот број на скоро двојно да го удвои со 2013-та.
На крајот на краиштата, датумот за покана за членство во НАТО не е најбитен, коментира премиерот Груевски за весникот, додавајќи дека Македонија не спроведува реформи исклучиво заради влез во НАТО и оти нема намера да запре кога ќе ја добие поканата. Фајненшал Тајмс во изданието од четвртокот издаде подлисток за Македонија насловен како специјален извештај, на четири страници.