Споменикот е статуа поставена во близина на домот на Конгресот на Капитол Хил - реплика од бронза на фигура што ја подигнаа кинеските студенти за време на протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989-та.
- Луѓето кои го дизајнираа овој споменик можеа да изберат имиџ на угнетување за овој простор, реплика на ѕидот што некогаш го делеше Берлин, или студените бараки на гулаг-от, или, пак, полиња на смртта послани со черепи. Наместо тоа, тие избраа имиџ на надеж, жена што држи светилка на слободата. Таа не потсетува на жртвите на комунизмот, но и на силата што го победи комунизмот, рече американскиот претседател на церемонијата на посветување на споменикот.
Иако никој со сигурност не знае колку луѓе умреле во раце на комунистичките влади, Буш во обраќањето кажа дека според некои проценки, тој број е околу 100 милиони. Тој предупреди дека иако комунизмот исчезнува, злото и омразата се` уште се присутни, и додаде дека тоа го докажале настаните од 11-ти септември 2001-ва:
- Како и комунистите, нашите нови непријатели веруваат дека може да убиваат недолжни луѓе за да исполнат радикални визии. Како и комунистите, нашите нови непријатели ги отфрлаат слободните народи, тврдејќи дека оние кои живеат во слобода се слаби и немаат решителност да го бранат начинот на живот. И, како и комунистите, следбениците на насилничкиот исламски радикализам се осудени на пропаст.
Споменикот на жртвите на комунизмот е подигнат од страна на приватна фондација чија работа започна пред 17 години, непосредно по падот на Берлинскиот ѕид. Фондацијата вели дека ова е единствен споменик од овој вид во светот.