Линкови за пристапност

Буш пред крстопат во врска со Ирак


Според најавите, претседателот Буш ќе предложи зголемување на бројот на американски војници во Ирак. Тоа го поддржува републиканскиот сенатор Џон мек Кејн и еден од најверојатните претседателски кандидати на изборите во 2008-ма:

- Засилувањето ќе и` овозможи на ирачката влада да воспостави власт на целата територија на земјата.

Повеќето демократи се против засилувањето, но затоа се поделени како да реагираат на него. Сенаторот Тед Кенеди најави дека ќе се обиде да го натера претседателот најпрвин да добие конгресна поддршка:

- Историски, Конгресот има моќ да ги контролира финансиите, и ние велиме дека претседателот мора да побара овластување од Конгресот пред да испрати дополнителни американски сили во граѓанска војна.

Според две нови анкети – едната на Вашингтон Пост и вестите на Еј-Би-Си, а другата на Ју-Ес-Еј Тудеј и Галуп, големо мнозинство е против нови сили во Ирак.

Експертот за јавно мислење Џон Милер од Државниот универзитет на Охајо смета дека претседателот тешко ќе ја добие довербата на јавноста за таков потег:

- Не мора да ги убедува луѓето, има право да реши да испрати засилување, но тоа нема да наиде на одобрување. Вестите од Ирак последниве две до три години се речиси редовно лоши и е раширен песимизам. Тоа, очигледно, влијаеше и на ноемвриските конгресни избори.

Многумина републиканци навидум не се чувствуваат комотно во врска со идејата, иако некои веќе најавија своја поддршка.

Во Белата куќа веруваат дека говорот на претседателот ќе биде можност да ја зајакне јавната поддршка. Тони Сноу е портпарол на претседателот:

- Мислам дека милиони Американци веруваат дека е можна победа во оваа војна, како и дека е важно да се обнови чувството на политичко единство.

Новата политичка реалност во Вашингтон со демократско мнозинство во обата дома на Конгресот само ја усложнува ситуацијата за претседателот Буш околу новата стратегија за Ирак. Демократите планираат серија распити за ирачката политика.

На целата ситуација се надодава и незивесноста присутна во јавноста. Вил Маршал од Институт за прогресивна политика вели:

- Јавноста е во конфликтна ситуација – не верува дека владата на Буш има план за успех во Ирак, но не е и посебно расположена за идејата едноставно да си заминеме и да ги напуштиме нашите обврски кон ирачкиот народ како и нашиот безбедносен интерес - да не оставиме ситуација што би претставувала недозволива штета за САД.

Јавната неизвесност се отсликува во новото истражување на вестите на Си-Би-Ес: 72 процента од испитаниците се против начинот на кој претседателот Буш се справува со ирачката ситуација, но затоа само 21 процент се за итно повлекување на американските сили од Ирак.

XS
SM
MD
LG