Линкови за пристапност

Средба Буш - Блер во Белата куќа


Американскиот претседател со британскиот премиер вчера во Белата куќа дискутираа за извештајот на двопартиското советодавно експертско тело – Група за проучување на ситуацијата во Ирак. Вреди сериозно да се разгледаат препораките на групата, коментираше претседателот Буш по средбата.

До средбата дојде еден ден откако по објавување на извештајот во кој стои дека американската политика за Ирак не дава резултати.

Претседателот Буш на заедничката конференција со премиерот Блер рече дека сегашното насилство во Ирак вознемирува и дека, како што кусо коментираше - „ситуацијата во Ирак е лоша“. Тој кажа и дека за насилството придонесуваат екстремистите надвор од границите на Ирак:

Јасно имам многу пати кажано колку е тешка ситуацијата. Се` уште верувам дека ќе успееме. Верувам дека ќе победиме.

Групата за проучување на ситуацијата во Ирак меѓу другото предложи ангажирање на ирачките соседи – Сирија и Иран. Но, Буш вели дека официјален Техеран мора најпрвин со меѓународна потврда да покаже дека прекинал со нуклеарниот процес на збогатување на ураниум доколку сака дијалог со САД. Тој рече дека пред да објави каква и да е одлука во врска со ирачката политика, ќе ги разгледа и препораките од Одделот за одбрана и Стејт департментот.

Британскиот премиер изјави дека поддршката за ирачката влада, особено во регионот, е од клучно значење за успех. Тој рече дека некои екстремисти добиваат помош од ирачките соседи:

Главна причина дека имаме проблеми во Ирак, а Британија тоа мошне добро го искуси во јужниот дел на Ирак, е дека, Иран, на пример, вмешува прсти. Тој во основа го финансира и поддржува тероризмот.

Блер го оцени извештајот за Ирак како силен патоказ да се тргне напред во земјата. Буш објави дека Блер наскоро ќе замине за Блискиот Исток каде ќе се срете со Израелците и Палестинците.

10-члената Група за проучување на ситуацијата во Ирак вчера оцени дека ситуацијата во земјата е „тешка и се влошува“. Таа предложи мисијата на американските сили во Ирак од борбена да прерасне во давање на поддршка, со што поголем дел од борбените единици би се повлекле до почетокот на 2008-ма.

XS
SM
MD
LG