Линкови за пристапност

Македонија не побарала и не очекува од германското претседателство старт или сигнал за старт на преговори за членство со ЕУ


Македонија не побарала и не очекува од германското претседателство старт или сигнал за старт на преговори за членство со ЕУ. Ова го изјави германскиот амбасадор при ЕУ Вилхелм Шонфелдер чија земја на 1 јануари 2007 година го презема претседателствувањето со ЕУ.

- Колку што мене ми е познато Македонија не очекува датум за преговори за членство во ЕУ во јуни наредната година и мислам дека тој датум е преуранет, изјави Шонфелдер во Брисел при презентацијата на приоритетите на германското претседателство со ЕУ.

И додека Македонија одржува низок профил и не инсистира на старт на преговори за членство, италијанскиот премиер Романо Проди, еден од големите приврзаници на брз балкански влез во ЕУ уште од времето кога беше претседател на Европската комисија (ЕК), им упатил писмо на своите колеги од ЕУ. Тие наредната недела одржуваа самит во Брисел и Проди побарал да се одреди датум за старт на преговори за членство со Македонија.

Портпарол на финското претседателство потврди прием на писмото во Хелсинки.

- Немаме официјален коментар на писмото кое ќе го анализираме утре, мегутоа можам да ви кажам дека ова писмо е дел од нашите напори за промоција на процесот на проширувањето кон Западниот Балкан што е особено значајно во овој момент. Ваков вид контакти се сосема вообичаени пред секој европски самит и од самите лидери зависи дали на самитот ќе разменат мислења на таа тема, изјави портпаролот на финскиот премиер.

XS
SM
MD
LG