Линкови за пристапност

По Рига: Македонија, Албанија и Хрватска се скоро до целта – членство во НАТО


Македонија, Хрватска и Албанија од Рига добија порака дека се близу до членство во НАТО, но дека мора да продолжат со истото темпо на реформи, изјави Џулијан Смит, заменик - директор на програмата за меѓународна безбедност при Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон, за Гласот на Америка на македонски.

- Мислам дека пораката до трите земји, Македонија, Хрватска и Албанија е дека имаат направено одлична работа на патот кон зачленување во НАТО и оти скоро се до целта. Практично, потребни им се уште 2 години и ќе успеат, вели Смит.

Според неа, на самитот во Рига имало повеќе акцент врз внатрешните прашања во Алијансата отколку врз проширувањето. Тоа нема никаква врска со аспирациите на Македонија, Хрватска и Албанија и изрази убеденост дека ќе станат членки во 2008-ма. Тоа јасно го наговести и претседателот Буш, како и генералниот секретар на НАТО, вели Смит.

Постои листа на критериуми што земјите треба да ги исполнат за да станат членки. Македонија е свесна за тоа, смета Смит, и додава дека земјата треба да размисли за иден проширен ангажман во Алијансата преку странски мисии. Засега Македонија одлично соработува со НАТО со учеството во мировни мисии, но мора да ја трансформија и модернизира армијата, а за такво нешто е потребно време:

- Мислам дека Македонија сака да му покаже на светот дека е силен и сериозен партнер, дека нема само да зема, туку и ќе дава во рамки на Алијансата. Немам сомневања дека Македонија ќе ги исполни овие критериуми. На добар пат е и нешто ќе се случи во 2008-ма.

Грција ќе продолжи да се противи на членството на Македонија под уставното име, но со оглед на влијанието на САД во НАТО и добрите американско-грчки односи, не верувам дека на крајот нема да се пронајде решение за ова прашање, коментира Смит.

Поддршката за проширување на Алијансата, освен од претседателот Буш, неодамна стаса и од Капитол Хил, оценува експертот од Институтот за стратешки и меѓународни истражувања.

- Конгресот испрати јасна порака: дека е апсолутно определен да им помогне на новите членки да приклучат на Алијансата. Вратите за проширувањето мора да останат отворени.

Смит не смета дека промената на власта во американскиот конгрес ќе се одрази на неговата поддршка за проширувањето на НАТО. Така, Смит наведува дека досегашниот претседавач со Сенатската комисија за надворешни работи, републиканецот Ричард Лугар беше еден од најгласните поборници за тој процес, а идниот претседавач, демократот Џозеф Бајден, го дели мислењето дека Македонија, Албанија и Хрватска треба да станат дел од НАТО во 2008-ма, што е добар сигнал за регионот.

XS
SM
MD
LG