Линкови за пристапност

Македонија очекува датум за преговори во 2007, а влез во ЕУ во 2013-та


Интервју со Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на Република Македонија

Министре, како го оценувате извештајот на Европската комисија, кој на државите од Балканот не им понуди чекор напред кон интегрирањето во Унијата?

- Извештајот е во рамките на нашите очекувања. Очигледно е дека оној скептицизам кој, за жал, од пред година-две завладеа во некои земји на ЕУ, имал влијание врз извештајот. На некои работи на кои до пред две години се гледаше на нешто нормално, сега се гледа со зголемена диоптрија, со поголема строгост. Во секој случај, извештајот го примаме како еден документ на добронамерни критики, и ако Македонија се обиде што поскоро да го реализира (препораките, н.з.), ќе биде посилен кандидат за членство во ЕУ.

Проценките се дека балканските држави ќе влегуваат во Унијата една по една и тоа во наредната декада, под услов да продолжат со исполнување на задачите зададени од Брисел. И́ одговара ли ваква динамика на Македонија?

- Влегувањето еден по еден и вреднувањето еден по еден на кандидатите за членство и на другите земји-аспиранти е нешто што ни одговара. Сакаме да постигнеме 2007-ма да биде година на резултати, за да можеме да се приближиме до перформансите на Хрватска, која е пред нас. Би биле презадоволни – и тоа е нашата амбиција – доколку Македонија има шанси за влегување во ЕУ онака како што ги има Хрватска денес.

Извештајот на Комисијата не предвидува проширување на Унијата во краток и среден рок, што би значело пауза од 3 до 5 години. Каде е Македонија? Кои се очекувањата за добивање датум за преговори?

- Нашата амбиција е следната година – до крајот на 2007-ма да добиеме датум за преговори. Кога тој датум ќе определи започнување на преговорите - е друго прашање. Сметаме дека може да се избориме за почеток на преговорите во 2008-ма. Кога ќе се земат предвид искуствата од другите земји, преговорите приближно траеја 5 или 6 години. Ние би можеле како помала земја, доколку сме добро организирани и наметнеме едно силно темпо, да ги завршиме преговорите за 4 до 5 години. Реално е да се очекува со постојана работа, Македонија да стане членка на ЕУ во 2012 или 2013-та година.

Кога може да се очекува олеснување на визниот шенген-режим за македонските граѓани? Презема ли конктетни чекори оваа влада?

- Јас сум еден од оние кои може да се сметаат и за жртви на визниот режим - во периодот кога студирав во Германија навистина го почувствував тоа и врз своја кожа. Жртви на визниот режим се нормалните луѓе кои сакаат подобро лекување, подобро образование. Апсурдно е што се́ уште важи визниот режим за земјите од Балканот, ако се знае дека со тоа се погодени обичните луѓе. На 30-ти овој месец ќе ги започнеме разговорите со Европската комисија на оваа тема. Следната година очекуваме конкретни резултати во однос на олеснувањето. Конкретно, веќе ја завршивме таа мачна приказна за тоа кој ќе ги печати новите пасоши, ќе има ли нови пасоши, кој ќе ја земе провизијата, а кој нема да ја земе. Нашата филозофија беше - кој ја зел провизијата - ја зел - оваа држава навистина не заслужува да трпи понатаму и да појдеме приоритетно со печатањето на новите пасоши. Мислам дека до крајот на март ќе ги имаме новите пасоши.

Спроти самитот на НАТО во Рига, може ли Македонија да очекува конктерен сигнал на охрабрување за влез во Алијансата во 2008-ма?

- Мислам дека тоа го заслуживме, а и постојано работиме на тоа. Македонија е земја која до пред седум-осум години беше примач на безбедносна поддршка, а сега ја дава во мисиите во Ирак, Авганистан и во Босна. Мислам дека на самитот во Рига ќе имаме јасна поддршка која, прво, ќе потенцира дека следниот самит ќе биде самит на проширување, и второ, дека Македонија е еден од сериозните кандидати кој реално може да очекува покана во 2008-ма.

Какви се плановите за анимирање на дијаспората во САД и евентуално нивно вклучување во гласачкиот систем во Македонија?

- Нема друга влада во последниве 15 години која направила повеќе конкретни резултати во однос на дијаспората. Ние имаме двајца министри од американската дијаспора. Не сум сигурен дека тоа ќе се повтори во следните 50 години. И двајцата се мошне ангажирани и посветени на својата работа и се највидливиот доказ дека оваа влада цени - кога некој успеал да се докаже во својата бранша во странство - зошто тоа не би можел да го пренесе и во Македонија? Имаме намера да ги вклучиме иселениците во системот на гласање – секако, само оние кои се́ уште имаат македонско државјанство. Тоа ќе го направиме и мислам дека тоа ќе биде една жива врска, затоа што дијапората ќе стане одлучувач и со самото тоа ќе ги привлекува нашите политички партии - без разлика кој на која партија припаѓа – да им посветуваат поголемо влијание затоа што и нивниот глас ќе се брои.

„Заеднички прифатливо решение е неопходно за Македонија да стане дел од Европската унија и НАТО“ - изјави грчкиот премиер на неодамнешното тематско заседание на парламентот во Атина на кое се дебатираше за надворешната политика на земјата. Ова не се први условувања. Колку се реални?

- Некои изјави од Грција треба да се разбираат и во нивниот внатрешно-политички контекст - на натпревар, на предизборна атмосфера, итн. Во секој случај, ние сакаме, и Македонија, и Грција, како и досега, да продолжат да соработуваат во рамките на ОН, под мандатот на Метју Нимиц, да продолжат да разговараат за изнаоѓање на соодветно решение. Не треба брзањето да ни биде пред квалитетот, но од друга страна, сакам да истакнам дека ако се земат предвид воената соработка, културната соработка, размената на туристи, мешаните бракови, мешаните фирми, странските грчки инвестиции во Македонија, па дури почнаа и македонски инвестици да се јавуваат на мало ниво во Грција – слободно може да заклучиме дека Македонија и Грција никогаш немале подобра соработка во изминатите 16 години. Мислам дека овој дух на соработка ќе надвладее.

Кога ќе пристигне новиот амбасадор на Република Македонија во Вашингтон, со оглед на стратешкото влијание на главниот град на САД врз глобалните политички текови?

- Мислам дека малку - со месеци - ќе закасниме. Би бил среќен доколку тоа не се случи, но очигледно е дека преговорите се́ уште траат во однос на утврдувањето на кандидати. Откако ќе го утврдиме кандидатот – тоа очекувам да се случи најдоцна во следните две до три седмици, постапката за номинација и акредитирање на амбасадорот одзема околу три месеци. Владата размислува во Вашингтон преку конкурс, тендер или објавен оглас да ангажира лоби-група која ќе се залага за интересите на Република Македонија. Впрочем, тоа го имаат направено многу наши соседи и други држави од Европа.

XS
SM
MD
LG