Утрово започна гласањето за обата дома на Конгресот - сите 435 места во Претставничкиот дом и 33 од стоте во Сенатот. Анкетите на национално ниво покажуваат широка поддршка за опозиционите демократи. Но, според последните истражувања, неколку клучни изборни трки ќе бидат многу понеизвесни отколку што претходно се претпоставуваше.
Обете партии непосредно пред изборите се обидуваа да издјствуваат што поголем одзив на гласачите. Улога може да има и временската прогноза – најавите за обилните врнежи на дожд во северозападниот и југоисточниот дел на САД би можеле да се одразат на одзивот.
На денешните избори се гласа и за функцијата гувернер во 36 сојузни држави, а на изборните ливчиња се наоѓа и редица други прашања – од абортусот, хомосексуалните бракови, па се́ до медицински истражувања со ембрионални клетки.
Претседателот Џорџ Буш и првата дама Лора гласаа близу својот ранч во Крафорд, сојузната држава Тексас, а ќе се вратат во Вашингтон подоцна денеска, каде ќе ги чекаат резултатите. Тој се́ до вчера учествуваше на републикански предизборни собири, повикувајќи ги сите Американци да гласаат за републиканските кандидати доколку и натаму сакаат да имаат мали даноци.
Републиканците имаат мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Демократите во кампањата апелираа до гласачите за промена на власта во Вашингтон. Последните анкети сугерираат дека војната во Ирак е прашање што предизвикува најголема загриженост меѓу гласачите.