Линкови за пристапност

Фер и слободни избори – овоможуваат датум за преговори со ЕУ


Ако Македонија не успее да ја убеди ЕУ дека е способна да одржи слободни и фер избори, тоа негативно ќе се одрази на нејзините интеграции, оценува претседателот на Европската иницијатива за стабилност во интервју за Гласот на Америка на македонски.

За Брисел, евентуално лошите вести од изборите во Македонија ќе имаат негативен ефект, предупредува експертот за Балкан Гералд Кнаус од непрофитниот меѓународен истражувачки институт за политика - Европска иницијатива за стабилност:

Ако Македонија заглави на овој пат, тоа ќе има негативен ефект врз инвестициите, отварањето нови работни места, олеснувањето на визниот режим. Влогот од овие избори е многу голем.

Одржувањето чисти избори без инциденти ќе го зголеми притисокот врз ЕУ да одреди датум за старт на преговори за членство.

Реално, ако Македонија продолжи со добриот учинок, може да побара одредување датум за почеток на преговори идната година. Ако фокусот на ЕУ остане кон Косово, а Македонија игра конструктивна улога, тоа може да и́ помогне.

Кнаус не верува дека Европа има проблем со растечкиот скептицизам за проширувањето меѓу членките на Унијата. Како пример ја наведува Македонија, за која вели дека добила статус на кандидат за членство веднаш по неуспешните референдуми во Франција и Холандија за прифаќање на евро-уставот. Тој сепак признава дека расположението меѓу европската јавност за прием на нови членки во моментов е многу ограничено.

Кнаус вели дека дискусијата за капацитетот на ЕУ за прием може да наведе на погрешно мислење. Капацитетот секогаш бил тема при секое ново проширување и секогаш може да се јават проблеми во функционирањето на европските инситуции со влез на нови, мали членки во Унијата. Тоа сепак може да се реши, смета Кнаус, и додава дека Балканот е мал и не би требало да го обремени капацитетот на ЕУ.

Кнаус посочува на примерот со Хрватска, кога ќе ги заврши преговорите, за што предвидува дека ќе се случи до крајот на 2008-ма. Ако ЕУ ги адаптира инситуциите за новите членки како Хрватска, вратата ќе остане отворена и за другите потенцијални – вклучувајќи ја и Македонија.

XS
SM
MD
LG