Линкови за пристапност

Македонија може да се надева на преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, или првите месеци од 2007-ма


Македонија треба да продолжи со лобирањето додека очекува преговори за членство во ЕУ за време на германското претседателство со Унијата или на почетокот од 2007-ма. Ова е прогнозата на аналитичарот од вашингтонската канцеларија на Европската иницијатива за стабилност Кристина Хемон која за Гласот на Америка на македонски јазик оцени оти изборите на 5-ти јули се важни од две причини: да ја покажаат способноста на Македонија да организира фер и демократски избори и да ги увери Европејците дека евро-атланскиот курс на земјата останува ист, независно кој ја води.

На прашањето - ако се отвори дебата во ЕУ за процесот проширувањето, како може тоа да се одрази врз Македонија, аналитичарот за Европската иницијатива за стабилност од канцеларијата во Вашингтон, Кристина Хемон изјави:

„Не верувам дека таква дебата ќе има влијание врз Македонија. Европската комисија веќе вети и даде статус на кандидат. Прашање е на време кога ќе ги почне преговорите за полноправно членство“.

Таа смета дека Македонија не треба да стравува од забавување на процесот на проширување. ЕУ и понуди евро-перспектива на Бугарија и Романија и го одржа ветувањето и не гледам зошто со Македонија би било поинаку, вели Хемон.

Став на Европската иницијатива за стабилност е дека ЕУ има капацитет за натамошно проширување. Како поткрепа на ваквата оценка, Хемон истакна: Ако сите земји од Западен Балкан станат дел од ЕУ, тоа ќе биде помалку луѓе отколку цела Романија. За неа, јасен показател е што преговорите за идниот буџет на Унијата минале без поголеми потреси и покрај новите 10 членки во расправата:

„Реални се шансите и можностите. Македонија треба да ги презентира успешните резултати што ги постигна во изминатите години и понатаму да лобира со цел преговорите да почнат за време на германското претседателство со Унијата, или на почетокот од 2007-ма.“

Прашана каква релација гледа меѓу претстојните избори на 5-ти јули и перспективата за евро-атланската иднина на Македонија, аналитичарот од европска иницијатива за стабилност оцени:

„Сите избори се битни. Особено поради две причини. Прво, да се покаже дека Македонија е способна да организира слободни и фер избори, во духот на имплементацијата на Охридскиот договор, и второ да покаже дека меѓу широкиот политички спектар има консензус за евро-атланската иднина и независно кој е на власт, правецот кон Европа нема да биде изместен“.

Во однос на спорот со Грција по прашањето на името, тоа нема да претставува пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ, смета Хемон, додавајќи дека Грција досега не ставила вето на преговорите со Унијата, што за неа е добар знак.

XS
SM
MD
LG