Линкови за пристапност

Буш:  долготрајна битка против тиранијата ширум светот


Претседателот Џорџ Буш во годишното обраќање до нацијата да се обиде уште еднаш да ја обедини земјата. На самиот почеток тој одвои време да и́ оддаде почит на сопругата на Мартин Лутер Кинг, борецот за човекови права и промени со мирољубиви средства, која почина на денот на обраќањето.

„И покрај сите поделби мора да останеме цивилизирани, да покажеме добра волја и меѓусебна почит“. Државата е силна - кажа тој - а заедно ќе ја направиме уште посилна.

САД нема никогаш да се повлечат од светот и никогаш нема да му се потчинат на злото, рече претседателот, посветувајќи голем дел од говорот на Ирак и на каузата на ширење демократија на Блискиот Исток.

Акцентирајќи го прашањето за нуклеарните амбиции на Иран, Џорџ Буш направи дистинкција меѓу режимот и народот на оваа земја. Директно обраќајќи им се на Иранците, тој кажа: „Америка ве почитува, ние ја почитуваме вашата земја, го почитуваме вашето право да си ја изберете иднината и да се изборите за слобода. Нашата нација се надева дека еден ден ќе бидеме најблиски пријатели со слободен и демократски Иран“.

Многу теми кои го засегаат американското семејство се најдоа во овој говор, што, како и обично, беше полн со оптимизам и ветувања. Претседателот зборуваше за важноста од едуцирана, способна работна сила, за заложбата здравствената заштита да се направи подостапна, како и за увереноста дека тој исправно постапува во областа на заштита на граѓанските слободи.

Одговорот на демократите годинава го даде Тим Кејн, гувернер на Вирџинија, кој кажа дека претседателот мора да направи повеќе од тоа за да го оправда мандатот. По главните прашања за кои зборуваше претседателот, демократите предложија алтернативна агенда.

Обраќањето до нацијата на американскиот претседател и демократскиот одговор се сметаат за неофицијален почеток на кампањата за изборите во Конгресот што претстојат годинава и за кои и двете партии имаат големи надежи.

XS
SM
MD
LG