Линкови за пристапност

Абрамовиц:  Ругова беше факторот на единство во Косово


Мортон Абрамовиц, поранешен американски дипломат кој ја основа независната истражувачка организација Меѓународна кризна група, на веста за починувањето на косовскиот претседател Ибрахим Ругова кажа дека тој беше симбол на единството на Косово.

Иако исмејуван од помладите етнички Албанци бидејќи не го поддржа бунтот во 1998-ма против српското владеење, Ибрахим Ругова се врати на голема врата со двократна изборна победа против политичките партии поврзани со Ослободителната војска на Косово. Абрамовиц оценува дека тоа се должи на големата политичка умешност на Ругова.

„Тој беше попознат и имаше подобра организација, а другите беа толку поделени и остварија мизерен учинок во првите шест месеци по провизорното преземање на власта“, вели Абрамовиц.

Партијата што ја основа Ругова, Демократската лига на Косово, и натаму е најбројната партија во покраината.

Дејвид Бајндер беше дописник на Њујорк Тајмс од Балканот кога за првпат се сретнал со Ругова на почетокот на 90-те. Тој смета дека Ругова ќе биде запаметен по посветеноста на независноста на Косово.

„Наутро ќе станеше говорејќи за независноста на Косово и навечер ќе појдеше во кревет се` уште говорејќи на таа тема. Најверојатно и додека спиеше – сонуваше за независноста на Косово“, вели Бајндер.

Таткото на косовското движење за независност почина во мошне чувствителен момент за покраината, непосредно пред почетокот на преговорите за нејзиниот финален статус.

XS
SM
MD
LG