Џорџ Буш вели дека САД прават многу во глобалната борба против СИДА-та и дека ќе продолжат да им помагаат на оние на кои таа помош им е потребна.
"Верувам дека Америка има уникатна способност и специјална обврска да се бори против оваа болест. Ние сме благословени со големо научно знаење. Ние сме великодушни и секогаш помагаме гладните да бидат нахранети, да бидат спасени оние кои се заробени и да има кој да се грижи за болните."
На собирот во Белата куќа по повод 1-ви декември, Светскиот ден за борба против СИДА-та, господинот Буш зборуваше за штетата што ја нанесува болеста на најсиромашните држави во светот. Претседателот забележа дека САД помагаат на два начина - преку придонеси на Глобалниот фонд за борба против СИДА-та и преку неговиот План за итна помош против болеста.
Целта на планот е да обезбеди 15 милијарди долари во текот на пет години за поддршка на превенцијата, третманот и програмите за нега на болните во 15 најпогодени држави. Тој кажа дека првите две години од активностите во странство донеле огромни резултати.
"Пред Планот за борба против СИДА-та, само 50.000 лица од повеќе од четири милиони луѓе во Суб-сахарска Африка кои имале потреба од итна помош, добиле лекови. Помислете, само 50.000. По две години континуирана помош, околу 400.000 Суб-сахарски Африканци добиваат третман."
Господинот Буш вети зголемена помош и директни инвестиции за програми на заедниците за оваа намена, што се организирани во цркви и други верски установи. Тој кажа дека целта е да се спасат колку е можно повеќе животи.