Линкови за пристапност

Стравувањето од птичји грип е се поголемо


Постојат 15 форми на птичји вирус, но најопасната, е позната под научниот код Ха-5-Ен-1. Од неа се заразени, а потоа умреле милиони птици на евроазискиот континент, а од 1997 наваму, од вирусот починале 60 лица во Хонконг и југоисточна Азија.

Штом лицето е заразено, влијанието на вирусот на белите дробови е ужасно, како што објаснува експертот од Универзитетот Мериленд, Даниел Перез.

„Симптомите би почнале како и секоја настинка, но потоа наместо да се намалуваат како кај секој обичен грип кај секој човек, ќе оди во екстемни граници и ќе предизвика вирозна пневмонија и смрт.“

Речиси сите птици што ќе се заразат, умираат. Смртноста кај луѓето од овој вирус е помала, но лекарот Грегори Поланд од Мајо клиниката при Колеџот за медицина во Минесота, вели дека овој вирус е поопасен споредено со смртносната пандемија на птичји грип од 1918.

„Во 1918, тој вирус усмрти околу два процента од сите инфицирани лица, што резултираше со 40 до 60 милиони мртви. Актуелната форма на птичји грип усмртува 50 проценти, не два, туку 50 проценти од заразените лица. Доколку овој вирус достигне ниво за лесно да се пренесува од човек на човек, тоа ќе биде катастрофа од огромни размери.“

Експертите стравуваат дека токму ова и може да се случи и дека брзото мутирање може да ги зафати и другите животни, како свињи или мачки, а потоа да премине во човечка пандемија.

Опасната форма на птичјиот грип Ха-5-Ен-1, можно е да доаѓа во вистинско време за да се развива. Ентони Фочи е лекар кој раководи со проектот на американската влада за истражување на инфективните заболувања. Тој вели дека секој век се случуваат околу три пандемии на грип и токму сега е погодно време за уште една.

„Сме немале ниту една уште од 1968. Дали тоа ќе биде токму формата Ха-5-Ен-1, не знам, но засега постојат доволен број околности, што прават ова да претставува вистинска закана.“

Недостатокот на медицинска одбрана, само ја влошува ситуацијата. Најновата студија на владиниот Центар за контрола на болести покажува дека во изминатата деценија, отпорноста на лековите против грип во светот е зголемена за 12 проценти. Формата Ха-5-Ен-1 е отпорна на една од двете главни групи на лекови против грипот, амантадин, а научниците велат дека гледаат знаци оти грипот од Азија не реагира и на втората, Тамифлу.

Како дополнение, никој не знае дали постоечките вакцини против грип ќе функционираат против Ха-5-Ен-1, а вакцината токму за оваа форма е во фаза на тестирање. Исто така, производсвениот капацитет на вакцините во светот е на ниско ниво.

Затоа, Даниел Перез од Универзитетот Мериленд, вели дека убивањето на заразените птици, останува клучна заштитна мерка.

„Засега, тоа е единствената ефикасна мерка за контрола на птичјиот грип.“

XS
SM
MD
LG