Линкови за пристапност

ИНТЕРВЈУ НА ПРЕМИЕРОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВЛАДО БУЧКОВСКИ ЗА ГЛАСОТ НА АМЕРИКА НА МАКЕДОНСКИ


Глас на Америка на македонски: Неспорно е она што го имате направено на планот на стабилизацијата во изминатите три години, но, од друга страна, факт е дека се́ уште нема економски развој и дека невработеноста и сиромаштијата се и натаму присутни. Објективни причини за таква ситуација, какви што во раните деведесетти беа санкциите и ембрагото, не постојат. Која е вашата анализа за тоа што се случува и зошто не може Македонија направи исчекор на економски план? Постојат ли субјективни и политички причини во оваа влада?

- Не, затоа што последните резултати се охрабрувачки. Резултатите од реформите што конечно се нафати да ги направи една влада стануваат дополнителна гаранција дека ќе имаме подобра бизнис-клима, како неопходен предуслов да бидеме атрактивна бизнис-дестинација. Конечно, една влада покажа дека независно од честите изборни кампањи, од редицата избори, таа решена е докрај да ги спроведе структурните реформи.

Исклучително битно за понатамошниот економски развој на Република Македонија ќе биде успешното завршување на реформите што се во тек. Дефинитивно, Македонија не може да претендира да направи сериозен економски развој само со гола реторика. Сметам дека она што беше направено во изминатите девет месеци ја изведе Македонија на вистинскиот пат. Станува јасно дека претходно сме гаеле илузии дека може да се направи економска стабилизација или економски развој без политичка и безбедносна стабилизација. Покрај проблемите што ги имавме во транзицијата по распадот на поранешна Југославија, покрај начинот на кој беше спроведувана приватизацијата до 2000-та година, како главни причини за стагнацијата во економскиот развој во овој момент - кога дел од експертите кои работат за владата ги бараат причините зошто и во меѓувреме не направивме многу повеќе - станува јасно дека се́ уште ја плаќаме цената од кризата во 2001-ва. Последните испитувања на оние кои треба да дадат релеванатна проценка за состојбите во Македонија - а тоа се меѓународните финансиски институции како и оние кои го вреднуваа нашиот кредитен рејтинг - покажуваат дека конечно Македонија може да претендира на поголем економски развој од предвидениот. Ако оваа година предвидуваме дека тој ќе биде над 4 проценти, во нашите проекции мора да продолжиме со серија на мерки што ќе доведат до тоа со зголемените директни странски инвестиции да имаме стапка на развој поголема од 5 проценти.

Глас на Америка на македонски: Постојат ли сепак некакви субјективни политички причини во самата влада, со оставката на вашиот советник Свето Јаневски? Неговото соопштение упатуваше на едно неединство околу концпетите по кои треба да се развива Македонија и да направи исчекор на економско-социјален план?

- Не постојат такви проблеми. Оставката на Свето Јаневски беше негов личен чин. Јас и во периодот кога ја презедов владата, во декември минатата година, говорев дека ќе ги стимулирам различните мислења, пред се́ на економските експерти, и на министрите кои се дел од економскиот тим на Владата, но и на советниците - проминентни прагматичари и докажани менаџери, но и теоретичари од нашата академија и универзитетот. Макроекономската стабилност и потпишаните договори што ги имаме со ММФ и Светската банка говорат дека имаме сериозен напредок во економијата во нашата држава, но, за жал, резултатите не доаѓаат преку ноќ кога се прават реформи и кога се зацртува еден курс. Во секој случај, охрабрувачки резултат е намалувањето на невработеноста, што е скромно, што преставува значителен исчекор напред во ослободувањето од сиромаштијата. Јас верувам дека сето она што го имаме во овој момент како основа ќе ги даде вистинските резултати во почетокот на 2006-та година, под услов во меѓувреме неколку политички битни моменти да бидат позитивни за Република Македонија. Тука пред се́ мислам на позитивно мислење на Европската унија околу нашата апликација за статус-кандидат. Тоа ќе биде дополнителна гаранција за потенцијалните странски инвеститори.

Глас на Америка на македонски: Што станува со борбата против корупцијата? На овој план, освен реторика, како да нема никакви конкретни резултати. Во тој контекст постојат и извесни фрустрации што ги изразува обвинителот, Државната антикорупциска комисија, во смисла на отусуство на соработка меѓу главните институции – главните алки во синџирот кои би требало да ја скротат корупцијата во Македонија. Повторно, недостасува ли политичка волја или знаење да се имплементираат работите?

- Напротив. Борбата против корупцијата и организираниот криминал е перманентна битка која не се добива преку ноќ. Во периодот на владеење на оваа коалиција профункционира работата на државната комисија за борба против корупцијата. Имаме државна програма што треба да ја спречи корупцијата. Тоа е битка што макотрпно, секојдневно треба да ја добиваме. Верувам дека крајниот резултат ќе биде позитивен, уште повеќе што борбата против организираниот криминал, од таканаречениот случај „даночна пирамида“, покажува завиден степен на напредок во коордионираните активности на повеќе владини институции. Тоа ме храбри дека ќе бидеме многу поуспешни во борбата против организираниот криминал. Ако тука ги надминеме проблемите што пред се́ се од субјективна, а не од објективна природа, првенствено во функционирањето и релациите на Јавното обвинителство и Државната антикорупциска комисија, сметам дека ќе бидеме поефикасни. Во секој случај, резултатите што на овој план ги имаме во последните неколку месеци се завидни. Како ќе заврши целата битката против корупцијата до крајот на мандатот на оваа влада - ќе видиме во септември догодина. Но, во секој случај, ќе бидеме многу поуспешни во споредба со претходните периоди, затоа што дефинитивно се гледа подигнатата јавна свест, а и функционирањето на повеќе невладини организации направија корупцијата да стане неисплатлив бизнис.

Глас на Америка на македонски: Пирамидата и договорите во четири очи го свртеа вниманието и на Европската комисија која побара дополнителни прашања на оваа тема. До каде е решавањето на случајот „даночна пирамида“, најавено за почетокот на септември, иако се́ уште немаме никакви информации. Мислите ли дека „договорите во четири очи“ треба да продолжат?

- Како прво, битката против даночното затајување ќе биде перманентна. Владината акција, покрај позитивните ефекти во делот на полнењето на државната каса, послужи и како превентивна мерка. Таа претставуваше само првична реакција на сите оние кои сметале дека можат да ја надмудрат државата и со инкриминирани дејствија да дојдат до нелегален профит. Тука ја остваривме целта. А, за да биде докрај успешно спроведена оваа операција, многу битен ќе биде првиот судски процес кој веќе, според информациите, е во фаза на закажување. Не знам точно кога е првото рочиште. Тоа е многу битно за целата успешност на оваа перманентна акција. А - условно речено - за склучувањето на „договорите во четири очи“, иако тоа е извулгаризиран термин што не одговара на реалната состојба, владата не само што понуди одговори на дополнителните прашања што одговараат на реалната состојба, туку во меѓувреме доби и потврда дека многу држави, правејќи напори да ја заживеат економијата, пред се́ во делот на „гринфилд“ инвестициите, ги користат непосредните договарања како стратешки интерес. Тоа е законски дозволено, иако не значи дека тоа треба да биде правило. На пример, со непосредни спогодби не може да се продава некој капацитет како што е Електростопанство, или Македонски телекомуникации, или некој од големите капацитети што ги имаме во индустријата. Но, за „гринфилд инвестициите“, како што владата прави неколку проекти, тоа е веќе пракса, и последната посета на претставничката на Светската банка потврди дека не само што имаат разбирање, туку веќе постои и пракса што се примнува и во другите држави. Но, бидејќи во нашата држава сме сведоци дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ се случуваа близу пет илјади непосредни спогодби, каде што со тотално анонимни и непознати фирми, блиски до фамилиите на неколку видни функционери, беа доделувани државно земјиште и голем дел од компаниите во Република Македонија, во јавноста се создаде еден впечаток, што, во краен случај, предизвика лавина на не докрај издржани коментари и осуда на она што - условно речено - и стопанствениците, и, што е за нас најбитно, бизнис-заедницата го поддржува како еден од начините за дополнителна потврда дека во Република Македонија имаме подобрување на бизнис климата. Владата и во иднина нема да бега од вакви „гринфилд“ инвестиции, од стратешки партнери кои се познати светски имиња. Таа ќе продолжи на еден транспарентен начин непосредно да се договара со нив, затоа што за Македонија е привилегија доколку до крајот на годината, покрај Лукоил и Сименс, да биде присутен и Ај-Ен-Џи во делот на банкарскиот систем.

Глас на Америка на македонски: Вие храбро предвидувавте дека Македонија ќе добие покана за членство во НАТО до 2006-та година. Имате ли храброст да предвидите кога Македонија ќе започне преговори за членство во Европската унија?

- Мора да се признае дека нашиот оптимизам и нашата визија, со последните изјави од Вашингтон визави проширувањето на НАТО, создадоа нервоза и фрустрираност за нашата јавност која заради недоволната анализа на се́ што се случуваше во меѓувреме доби претстава дека реакцијата во Вашингтон е заради нереализираните реформи, заради проблемите што ги има Република Македонија. Тоа апсолутно не одговара на на вистината, и мислам дека само го покажа, компарирајќи каква беше атмосферата во медиумите во Хрватска и Албанија на пример, македонскиот табиет или македонскиот карактер што не треба да биде наша гордост. Во секој случај, треба да се биде реален, и треба објективно да се прифати она што сите го говорат, дека Македонија направи крупен исчекор напред во приближувањето кон НАТО. Прашање на ден е кога ќе се потврди, кога ќе се дефинира нејзината улога како држава која има појдено најнапред во проширувањето. Но, од друга страна, би било апсурдно да се очекува НАТО да има самит на проширување во оној момент кога само Македонија ќе биде подготвена за прием во членство. Големите стратешки одлуки во НАТО, во ЕУ, се носат во една констелација, не само на политичките сили, туку во консеталција воопшто во меѓународната политика што во овој момент на Република Македонија не и́ оди во прилог. Во секој случај, многу е битно што веќе гласно се говори дека идниот самит за проширување ќе биде во 2008-мата. Ние ја менуваме тактиката и ќе направиме се́ со засилена дипломатска офанзива пред другите држави од Јадранската група, пред евентуално новите аспиранти како што се Украина и Грузија, да добиеме верификација на она што го имаме направено, и поканата на Република Македонија да и́ биде упатена на самитот за проширување во 2008-ма.

Глас на Америка на македонски: Освен реалните геополитички констелации, дали со оваа изјава од генералниот секретар на НАТО и од САД не добивате порака дека освен големиот исчекор во реформите во одбраната, направен е многу ситен исчекор во исполнување на некои политички критериуми, важни за членство во НАТО?

- Не. Тоа апсолутно не е точно. Ќе покаже и мојата веќе најавена средба на 12 ноември со генералниот секретар на НАТО, господинот Шефер, дека се апсолутно погрешни заклучоците пласирани во дел од македонската јавност дека Република Македон ија заради неисполнување на некои политички критериуми не се најде на идниот самит на проширување. Проблемот е што идниот самит на проширување не е во 2006-та, туку во 2008-ма. Во меѓувреме нема сериозни забелешки за сето она што Република Македонија го има направено на политички план, туку напротив, на политички план има направено многу повеќе и од она што го предвидуваа најголемите оптимисти во Брисел, пред се́ во делот на политичката и безбедносната стабилизација на нашата држава, што пред се́ е и интерес на НАТО, и воопшто, на нашите сојузници во Брисел. Јас не би спорел на овој начин и со домашната јавност. Оние аналитичари кои внимателно и педантно ги следат изјавите на повеќемината клучни функционери во делот на НАТО, мошне брзо ќе дојдат до заклучок дека сето ова што се случува апсолутно не е заради некои недостатоци што Република Македонија ги има покажано во меѓувреме.

Глас на Америка на македонски: Чувствувате ли одговорност за тоа каков изборен процес имавме на локалните избори, кои сепак се одразуваат врз нашите аспирации и перспективи во евртоатлантските структури?

- Можам да потврдам дека не-беспрекорно изведените локални избори не се причината за се́ тоа што се случува и тоа е една груба шпекулација и дезинформација која беше лиферувана наводно од извори од Брисел, а изворите се од Скопје.

Глас на Америка на македонски: Имате ли евиденција колку луѓе сносат некакви законски последици поради она што се случуваше на изборите?

- Процесите се во тек и тоа е една од дополнителните гаранции што потврдуваат дека Република Македонија и во оној дел каде што нешто нема да направи перфектно, во следната можна прилика покажува дека не само што ги научила лекциите, туку извлекува и поуки што го зацврстуваат нејзиниот кредибилитет. Покрај деветнаесетте случаи што се водат и што се процесирани, за кои веќе имаше три рочишта за осомничените лица за повреда на изборната регулатива, најдобриот доказ дека во Република Македонија има капацитет да се организираат фер и демократски избори во оние средини каде што по дефиниција ги имаме проблемите во изминатите 15 години – пред се́ тука мислам во Шуто Оризари – со последните дополнителни избори за повторен избор на градоначалник се покажа дека онаму каде што најмногу стравуваме за фер и демократски избори, сепак тие може да се организираат. Со беспрекорниот начин на кој тие беа организирани во Шуто Оризари, Република Македонија извлече многу позитивни поени во овој дел, каде заради евидентираните слабости влеговме и во разговори за измена на изборната регулатива, не само со претставниците на ОБСЕ и ОДИХР, туку и во отворени консултации со опозицијата, со цел да имаме една изборна регулатива што ќе биде дополнителна гаранција дека на следните парламентарни избори нема да се повторат забележаните негативни појави од локалните избори 2005-та, но и од сите избори – навака.

Глас на Америка на македонски: Не ми одговоривте на прашањето кои се Вашите предвидувања кога Македонија би можела да започне преговори за членство во ЕУ?

- Според нашите предвидувањата, тоа ќе се случи во 2006-тата година. Дали она што го очекуваме како позитивна атмосфера околу Македонија ќе има и реален одраз во мислењето на ЕК, уште повеќе на Советот, кој треба да ја потврди препораката што ќе стигне од ЕК, што ќе се случи во декември, во овој момент е отворено прашање. Извесно е дека Република Македонија е на добар пат да добие позитивно мислење. Дали така ќе биде – ќе се види. Во секој случај, би било преамбициозно да се очекува дека во моментот кога ќе биде потврдено позитивно мислење за статусот-кандидат – веднаш ќе го знаеме и датумот за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Јас очекувам дека преговорите ќе бидат врзани во 2006-та веројатно со организацијата на фер и демократски избори на еден повисок демократски принцип во споредба со претходните изборни циклуси и веројатно со некои дополнителни условувања, затоа што дополнителните условувања веќе станаа принцип на работа на ЕУ, и тоа треба да го сметаме како веќе фактичка состојба и да извлекуваме искуства од сето она што го имаа и другите држави. Да речеме - во конкретниот случај Хрватска, или во подалечното минато - она што го имаше Турција, или пак другите држави од нашето опкружување кои се веќе на чекор до полноправно членство, како што се Романија и Бугарија. И во овој случај, со потпишан договор кој треба да значи членство на Бугарија и Романија на 1-ви јануари 2007-ма, се гледа дека има дополнителни условувања и дополнителни барања од кои ќе зависи евентуалното исполнување на договорот или евентуалното пролонгирање на нивното членство до 2008-ма.

Глас на Америка на македонски: Доколку Советот на Европската унија не се случи во декември и биде поместен за друг термин во иднина, ќе сносите ли политички реперкусии, бидејќи во тој случај тоа би можело да биде сигнал дека на Македонија воопшто и не може да и́ се одговори во моментот?

- Не. За Македонија во овој момент она што може директно да влијае, и на политичката атмосфера, и на нашите амбиции со кое темпо ќе се одвиваат понатаму реформите, е мислењето на ЕК. Позитивното мислење во овој момент е приоритет за Владата на Република Македонија. Што ќе се случува по евентуалното мислење на ЕК - тоа во овој момент не може да се прејудицира. Во секој случај, јас тврдам дека било какво отварање на прашањето за било каква политичка одговорност е прашање што се поставува пред граѓаните за време на избори. Владата на Република Македонија и по - условно речено - дефетизмот и фрустрациите што се јавија во нашата јавност по сигналот од Вашингтон за НАТО, не смета дека поради тоа треба да создаде атмосфера каде се́ она што добро го направила во меѓувреме сега треба да го ревидира и следните чекори да бидат во правец да го загрозат и она што беше многу добро направено - а според многумина, и повеќе од многу добро направено. Не верувам дека ќе бидеме непријатно изненадени од Брисел, но од друга страна сум свесен дека многу работи околу проширувањето и понатамошната судбина на процесот на проширување на ЕУ не зависат од достигнувањата во Република Македонија. Многу работи се врзани и со она што сега е топ-тема – дали конечно на трети октомври ќе почнат разговорите за членство со Турција, како сето ова што е создадено како атмосфера во ЕУ – до каде ќе се протегаат границите – ќе има одраз и на малите држави како што е една Македонија, Хрватска или пак другите држави во регионот. Во секој случај, станува евидентно дека постои фобија кај дел од граѓаните на ЕУ при помислата дека со евентуалното членство и со ново проширување на ЕУ со една Турција, границите би се протегале и ЕУ би се граничела со Ирак.

Многу брзо ќе се види дали е точно она што го констатираат многумина аналитичари – дека недостатокот на водството во овој момент во ЕУ ќе се одрази и на темпото и брзината на проширувањето и ќе биде една од причините за поголемото тактизирање од страна на ЕУ. Јас сметам, во онаа оптимистичка варијанта што ние ја заговараме, токму сега, кога на голема врата се отвори прашањето за идното проширување на ЕУ, дека за да се потврдат сите определби на ЕУ оти не е запрен овој процес, единствениот конкретен доказ би бил статусот-кандидат што би го добила Република Македонија. Со тоа ќе биде испратен позитивен сигнал, не само за Македонија, туку и за целиот регион, за сите оние држави кои очекуваат дека она што беше еден од заклучоците на Солунскиот самит ќе се рализира, а тоа е дека Западниот Балкан не само географски, туку и според стратегијата и целите кои ги има зацртано ЕУ, е реалност и ќе биде дел од обединета Европа.

Глас на Америка на македонски: Ве загрижува ли што во политичката агенда во разговорите со ЕУ се искачува тема како што е „случајот Вранишковски“?

- Ме загрижува. Јас уште жалам што имав таква интуиција уште пред шест недели, кога се отвори непринципиелна дебата за дополнителните прашања. Реков - во тој момент за многумина можеби самоуверено - дека дополнителните прашања не ми задаваат главоболки, туку главоболка ми задава она што веќе го имав како чувство, а тоа е силниот притисок кој ќе биде насочен кон Македонија во делот на објаснување на „случајот Вранишковски“, кој, како што се покажа во изминатите два-три дена, добива во интензитет и може да кулминира во клучниот месец за Република Македонија – октомври – пред очекуваното мислење од Европската комисија.

Глас на Америка на македонски: Специјалниот посредник на ОН Метју Нимиц најави нова рунда разговори околу името. Очекувате ли да се случи некаков пресврт?

- Јас очекувам, врз основа на сето она што го имаме како информација, дека ќе има многу поинтензивни контакти во Њујорк помеѓу нашите преговарачи и господинот Нимиц. Очекувам дека многу брзо во нашата јавност ќе имаме повеќе детали околу неговата идеја да излезе со нов предлог, а не со оној што беше претходно од март месец, што беше отфрлен од наша страна. Тоа беше предлогот што предизвика бура реакции во нашата домашна јавност, но и отвори една дипломатска офанзива од страна на Република Грција, која тврдеше дека со давањето на предлогот Република Македонија – Скопје, всушност тие прават еден голем чекор напред и еден конструктивен чекор кој од страна на Република Македонија е дочекан со - според нивно мислење - недоволна анализа и недоволна проценка како тоа може да се одрази на нашите европски и евро-атлантски интегративни процеси. Во меѓувреме, добро е што работите се смирија. Нашите колеги од Атина станаа свесни дека мора многу почесто и многу поинтензивно да се среќаваме, без условување, но со многу поголем интензитет да се бараат компромисите. Од наша страна тоа е дефинирано како барање на можност двојната формула да биде компромис. Од друга страна, станува јасно дека во овој момент тоа за Република Грција не е прифатливо. Но, ние не се откажуваме од аргументите, затоа што сметаме дека Република Македонија беше таа што во меѓувреме направи многу компромиси. Најкрупниот компромис, што поради протокот на време го забораваме – поминаа 10 години – е промената на Уставот и промената на знамето.

Глас на Америка на македонски: Имате закажана средба во Белата куќа со претседателот Буш. Дали прашањето во врска со името ќе биде на Вашата агенда на таа средба и што се друго очекувате од неа?

- Мојата посета на Вашингтон и средбата со претседателот Буш е уште една потврда за развојот во билатералните релации меѓу Република Македонија и САД. Ова кулминира со десетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави, но, од друга страна, тоа е и уште една потврда за стратешкото партнерство што Република Македонија го градеше со САД. Станува јасно дека ги имаме САД за сојузник, не само во приближувањето на нашата држава кон НАТО, туку и поради влијанието што го имаат врз европските сојузници. Мислењето и поддршката на САД се многу битни во поглед на нашите амбиции, со цел што е можно побрзо да го фатиме чекорот во европските интеграции. Очекувам на дневниот ред на оваа средба да бидат и разликите што ги имаме со Република Грција околу уставното име, бидејќи станува јасно дека клучниот аргумент што Република Македонија го има во овој момент е токму признавањето на нашето уставно име од страна на САД, со што од постојаните членки на Советот за безбедност веќе имаме три држави кои го признаваат уставното име. Од друга страна, заради влијанието што го има Вашингтон и врз официјална Атина, очекуваме дека ќе биде многу битен ставот на САД во поглед на интензивирањето на разговорите во Њујорк и барањето на конструктивни решенија. Ќе разговараме со претседателот Буш и за проширувањето на НАТО, за нашето натамошно учество во антитерористичката коалиција како наша стратешка определба, ќе разговараме и за она што очекуваме дека ќе биде следниот многу битен сегмент за развојот на односите меѓу двете држави – интензивирање на економската соработка.

XS
SM
MD
LG