Линкови за пристапност

Отфрлувањето на европскиот Устав од француските гласачи во неделата ја втурна Франција во политичка криза


Резултатот беше јасен. Скоро 55 проценти Французи гласаа против европскиот Устав и покрај активната кампања на двете најголеми политички партии за прифаќањето на единствениот европски највисок правен акт - Унијата за народно движење на францускиот претседател Жак Ширак и опозиционите социјалисти.

Во неделата навечер, претседателот Ширак се појави на националната телевизија да потврди како гласаа сограѓаните: Франција стана прва земја на ЕУ што го отфрли евро-уставот

Ширак истакна дека Французите ја изразиле загриженоста и очекувањата за време на кампањата. Тој рече дека ги слушнал и повикал да им се даде, како што оцени „нов импулс на владините акции.“

Аналитичарите сметаат дека Французите гласале против европскиот Устав од повеќе причини: Некои, на пример, стравувааат дека ќе ги загубат привилегиите и работните места на еден отворен, слободен пазар на Европа. Многумина протестирале и против Ширак и неговата десно-ориентирана влада.

Во неделата, Ширак истакна дека наскоро ќе најави промени во владата. Многу набљудувачи веруваат дека прва промена ќе биде непопуларниот премиер Жан Пјер Рафарен. Тој во понеделникот се сретна со претседателот Ширак во претседателската палата, најверојатно, според аналитичарите, да му ја најави оставката.

Кусата листа наследници на Рафарен, ги вклучува и министерот за внатрешни работи Доминик Де Вилепен и ривалот на Ширак, Николас Саркози, лидер на Унијата за народно движење. Аналитичарите уште го вбројуваат и министерот за одбрана Мишел Елиот- Мари, уште еден потенцијален кандидат за премиерската функција.

Отфрлувањето на европскиот Устав се гледа како еден од најголемите удари во маратонската политичка кариера на Ширак. Францускиот претседател претходно ја исклучи можноста да поднесе оставка ако референдумот биде неуспешен. Аналитичарите сметаат дека ова ќе фрли темна дамка врз шансите на 72-годишниот Ширак да се обиде да освои трет мандат на изборите во 2007-ма.

Во интервјуто за француското радио, лидерот на социјалистите Франсоа Холанде го критикуваше претседателот Ширак и истакна дека е потреба промена во владата:

Холанде истакна дека Французите го изразиле гневот спрема владата на многу начини. Потребна е вистинска политичка промена, вели тој и додава оти не верува од Ширак има капацитет да иницира промени.

Конзервативната партија на Ширак не е единствена на удар. Референдумот длабоко ги подели и опозициските Социјалисти. Лидерот на партијата Холанде отворено има разијдувања со вториот човек во партијата Лорент Фабиус. Холанде порача дека нема да поднесе оставка.

Сега, набљудувачите се прашуваат како конзервативците на Ширак и социјалистите на Холанде ќе ја вратат загубената позиција пред претседателските избори.

XS
SM
MD
LG