Линкови за пристапност

Изборите го нарушуваат имиџот на Македонија


Полнењето гласачки кутии, гласањето во туѓо име и заплашувањето со насилство, што го одбележаа првиот круг од локалните избори во Македонија, ги загрозуваат македонските надежи за членство во ЕУ, се вели во анализата на Институтот за воено и мирнодопско известување. Тоа, според оваа институција, го влошува имиџот на земјата и нанесува удар врз очекувањето на Македонија до крајот на оваа година да добие позитивен одговор од Брисел за добивање статус на кандидат за членство во ЕУ, сметаат аналитичарите и меѓународните набљудувачи. Нерегуларностите во изборниот процес се надополнети и со конфузијата создадена околу изборните резултати, особено во однос на трката за градоначалник на Скопје, се наведува во анализата. Според Мирјана Најчевска, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија - еден од експертите консултирани од страна на Институтот - изборите покажале дека Македонија не успеала да го положи сериозниот тест на демократијата. „Начинот на кој го спроведовме првиот круг покажува дека не ја научивме основната лекција по демократија и тоа ќе ни биде голема пречка на патот на доближување на државата кон ЕУ“, вели таа. Назми Малиќи, професор на Универзитетот за ЈИЕ во Тетово се согласува, додавајќи дека изборите „испратиле лоша и песимистичка порака за демократскиот потенцијал на Македонија, особено во однос на евро-интеграцијата“. „На патот кон Европа, неприфатливо е воопшто да има вакви инциденти“, вели тој, додавајќи дека споредбите со изборите во 2000 година, кога едно лице беше убиено, а насилствата и неправилностите беа полоши одошто сега, не се изговор за сегашната ситуација. Професорката на Правниот факултет во Скопје Тања Каракамишева смета дека загрижува се́ поголемиот број на општини каде што се случуваа нерегуларности. Тоа, според неа, покажува дека Македонија не може да ја напушти старата практика на прекршување на изборните правила. „Пораката што ја испраќаме до Брисел е страшна. Првиот сигнал дека нешто не е в ред со демократијата е неспособноста да се спроведат слобдни и фер избори“, вели таа. Но, она што најмногу ги загрижува експертите и меѓународните набљудувачи е фактот што вториот круг од изборите е вообичаено пожесток од првиот, оценува Институтот. „Вообичаено, во вториот круг тензиите се поголеми, и се е можно“, смета Назми Малиќи. Но, г-ѓа Најчевска вели дека штетата што е нанесена на имиџот на Македонија во оваа фаза е речиси ненадоместлива. „Начинот на кој се спроведе првиот круг од изборите не може да се коригира во вториот круг“, вели таа, дури и тој биде фер и демократски.
XS
SM
MD
LG