Линкови за пристапност

Метеоролозите сезонава прогнозираат повеќе урагани


Годинава се најавува уште поактивна сезона: тобоган од забавен парк во Њу Џерси, по ударот на ураганот Сенди минатата година.
Годинава се најавува уште поактивна сезона: тобоган од забавен парк во Њу Џерси, по ударот на ураганот Сенди минатата година.

Ја подвлекуваат потребата Американците подготвено да ги дочекаат невремињата.

Претстојната сезона на урагани може да донесе почести невремиња и да однесе повеќе жртви од просечното, според прогнозата на американската Национална управа за океански и атмосферски услови (НОАА).

„Нашата прогноза е 13 до 20 невремиња, од кои 7 до 11 би прераснале во урагани, а три до шест во силни урагани. Значи, годинава предвидуваме голема активност“, вели Џери Бел, главниот метеоролог во Центарот за климатски прогнози на НОАА.

Во просек, во една сезона што трае шест месеци има 12 невремиња, од кои шест прераснуваат во урагани, а три во силни урагани.

Бел смета дека сезонава ќе биде подинамична поради спој на неколку климатски фактори: „Еден од нив се системите на ветрови и воздушен притисок, што уште од 1995-та создаваат поголема активност. Друг фактор е зголемената температура на Атланскиот Океан“.

Дополнителен фактор е отсуството на климатскиот модел Ел Нињо – кревањето на топлите океански води во источниот Пацифик, што обично ја намалува ураганската активност.

Кетлин Саливан, вршителката на должноста управничка на НОАА, смета дека прогнозата за поактивна сезона на урагани ја подвлекува потребата Американците да се подготват за овие разурнувачки и често смртоносни невремиња.

Саливан го врти вниманието на фактот дека ураганите не се ограничени само на крајбрежјата: „Силните ветришта, поројните дождови и торнадата честопати се закана и за делови од внатрешноста, далеку од местото каде невремето допрело на брегот“.

Сезоната на урагани почнува на 1-ви јуни, а трае до 30-ти ноември.
XS
SM
MD
LG