Државниот и политички врв се поклони пред гробот на Гоце Делчев на денот кога се одбележува 153-годишнината од неговото раѓање.
Да не се заборави неговото дело, државата да се обедини околу националните интереси за да се продолжи со изградбата на модерна Македонија – беа пораките пратени од Свети Спас.
„Цениме дека македонската влада треба да има традиција и во иднина да го чевствува овој ден, тој е наш македонски великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Tргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност, поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава.Филипче, лидер на СДСМ
„Тој се борел за слободна Македонија, демократска во којашто се гарантирани индивидуалните слободи на луѓето и секако правдата. Неговите мудри мисли се актуелни и релевантни и денес. Tргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална или политичка припадност, поради тоа што имале една цел, а тоа било слободна држава. Ние денес треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите, кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна и интегрирана во Европската Унија, Македонија. “, истакна Венко Филипче, лидер на СДСМ.
Денешната манифестација помина без присуство на бугарска делегација – нешто што официјална Софија го протолкува како „немање желба кај владата во Скопје за заедничко чествување на важни настани и личности од заедничката историја“, што според бугарската страна е непочитување на Договорот за добрососедство. Премиерот Мицкоски не смета така – „секој кој што сака да го почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев слободен е да дојде“, беше неговиот одговор даден по настанот во Свети Спас.
Секој кој што сака да го почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев слободен е да дојде и тоа го направи, јас не гледам никаква пречка во тоа.Мицкоски, премиер
„Не би рекол дека Владата не го почитува Договорот за добрососедство. Мислам дека прв кој што не го почитува Договорот за добрососедство е токму тогашната бугарска Влада во 2019 година, која наместо да не поддржува одлучи да не опструира ставајќи вето на почетокот на преговорите за нас како држава. Инаку, доколку тие сакаат да го почитуваат и чествуваат ликот и делото на македонскиот великан, идеолог и револуционер Гоце Делчев добредојдени се. Ова е слободна и демократска држава. Секој кој што сака да го почитува ликот и делото на Македонецот Гоце Делчев слободен е да дојде и тоа го направи, јас не гледам никаква пречка во тоа.“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Шефицата на државата која беше и на чествувањето во Штип, зборувајќи за значењето на Гоце Делчев се потсети на нејзините средношколски денови.
„Самата јас сум одраснала со Гоце. Нема народ во светот каде има повеќе Гоцевци, или во овој народ единствено има толку Гоцевци, мојот брат е Гоце. Во гимназијата „Георги Димитров“ секоја година се одржуваа натпревари на тема Гоце Делчев. Директорот соопшти дека најдобар состав е под шифра ‘Гоце-Гога’. Знаев дека тоа е мојот есеј.“, истакна претседателката Гордана Сиљановска - Давкова.
Ликот и делото на Гоце Делчев, како и неговото историско наследство, се само едно од прашањата кои ги оптоваруваат македонско-бугарските односи кои во последните години имаат надолна линија. Позицијата на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска ја повтори премиерот, е дека „нема намера, по која било цена, да оди со глава в ѕид и да потпише се што ќе и биде ставено на маса“.
На „масата“ од 2022 година, како предуслов за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ се уставни измени за вметнување на бугарската заедница, нешто што го прифати претходната владејачка постава, но не и актуелната на Христијан Мицкоски.