„Нема во ова политика, тука сме од различни политички партии, од различни етнички заедници. На сите пред се ни е интересот на нашите сограѓани. Скопје мора да функционира како што треба.“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела вода.
Вака градоначалниците на десетте скопски општини ја образложија одлуката донесена на денешната координација – на владата и на Министерството за животна средина да им предложат на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, да и се одземат ингеренциите од две јавни претпријатија – Паркови и зеленило и Комунална хигиена.
Велат дека само го слушаат гласот на граѓаните кои очекуваат Скопје, како главен град, да има чисти улици, редовен јавен превоз, празни контејнери.
„Не може работите да функционираат како султанат во Скопје. Еве денеска и е крива ВМРО-ДПМНЕ, па смени директори, па назначи нови `брилијантни умови` па по 13 пати ги менува. Најдобро за градоначалничката е да застане, да се погледне и да си го впери прстот во себе, да признае дека згрешила.“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела вода.
Градоначaлниците се жалат дека со Арсовска веќе со години не само што немаат координација, туку немаат ниту основна комуникација.
„Две години со оваа градоначалничка немаме комуникација, ниту поединечна, ни ги блокирала телефоните, ниту по службен пат, не знаеме како да комуницираме.“, оцени Висар Ганиу, градоначалник на Чаир.
„Комуникацијата е улица во две насоки. Еве моите колеги градоначалници нека кажат – кога последен пат од Град Скопје и од градоначалничката, им е вратено маил. Град Скопје е луксуз да ви одговорат на мејл. “, истакна Орце Ѓорѓиевски.
Во предлогот за одзeмање на ингеренциите од Град Скопје, општинските градоначалници бараат владата да постави свои повереници во „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ – тоа би требало да биде прва фаза во трансформацијата на овие две јавни претпријатија чија механизација и кадар потоа, според соодветна формула, би се поделиле меѓу десетте општини.
„Ова е потреба на Градот Скопје, не е потреба моја или на другите градоначалници. Овие две претпријатија треба да се поделат за да не се мешаат ингеренциите“, заклучи Стевче Јакимовски, градоначалник на Карпош.
Уште пред да се соберат општинските градоначалници и да ја донесат одлуката, од Kабиентот на Арсовска, преку соопштение, обвинија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која има најмногу советници во Советот на градот со неизгласување на програмата за „Комунална хигиена“ директно го попречува собирањето смет.
„Целата операција на Мицкоски всушност е покривање на изневерените политички и национални ветувања, кои што беа дел од фолклорот на митинзите и по штабовите, како и на сите негови прес-конференции“, пишува во соопштението.
Набрзо по локалните избори во 2021 на кои во Скопје, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, победи Данела Арсовска почнаа кавгите меѓу неа и Христијан Мицкоски. Таа разреши дел од директорите на скопските јавни претпријатија кои беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ и постави свои луѓе. Оттогаш Советот на Градот, контролиран од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги блокира плановите на Арсовска.
Денешната одлука е кулминација на судирот меѓу партиите чии кадри ги водат скопските општини и Арсовска, во кој најмногу трпат токму Скопјани.