Дали македонските власти ќе го следат примерот на Шпанија, Ирска, Норвешка, Словенија, и други држави и ќе признаат постоење на независна палестинска држава или не?
Од Владата за Гласот на Америка велат дека внимателно ја следат ситуацијата на Блискиот Исток и оти се свесни за значењето на прашањето за признавање на Палестина како независна држава.
Во моментот додаваат дека се вршат консултации со сите релевантни меѓународни фактори и со сојузниците од НАТО за да се осигура дека секоја одлука што ќе биде донесена ќе биде во најдобар интерес за државата и ќе придонесе кон мир и стабилност во регионот.
„Владата нема донесено конечна одлука за признавање на Палестина, но ова прашање останува на дневен ред и ќе продолжиме да работиме со целосно почитување на меѓународното право и принципите на ОН. Наша цел е да придонесеме кон мирно и трајно решение за палестинско-израелскиот конфликт преку дијалог и дипломатски напори“, велат од Владата на Република Северна Македонија.
Од кабинетот на претседателката на државата, велат дека таа се води според македонските национални интереси. Додаваат дека согласно македонскиот Устав, признавањето на држави и Влади е во надлежност на Владата.
„Претседателката Сиљановска Давкова цени дека при носењето на одлуките треба да се имаат предвид и позициите на НАТО, каде што сме полноправна членка, како и на Европската Унија, каде што сме кандидати за членство. Претседателката смета дека за толку важно прашање потребна e размена на ставови меѓу сите носители на власта“, велат од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
Македонскиот амбасадор и постојан претставник во Организацијата на Обединетите Нации, Љубомир Фрковски, вели:
„Каква одлука ќе донесе државното раководство во Скопје, така ќе се однесува и мисијата на Северна Македонија во Њујорк“.
Универзитетската професорка, Мирјана Најчевска, смета дека една од првите одлуки на новата Влада треба да биде признавање на независната држава Палестина.
„Мислам дека има еден историски континуитет меѓу Македонија и СФРЈ и се она што претставуваше однос на поранешна Југославија кон Палестина и кон решавањето на ова прашање. И бидејки ние сме дел од тој континуитет пред се кога станува збор за меѓународните односи сметам дека е многу логично да го направиме тоа“, вели Најчевска.
Државите кои поминале или поминуваат низ слични процеси на признавање треба да си дадат меѓусебна поддршка, вели професорката. Но, евентуланата одлука за признавање, додава таа, може да ги наруши односите со властите во Израел.
„Меѓутоа сметам дека тоа не е нарушување со Израел, исто како што односите не се нарушуваат кога станува збор за Русија со Русија, туку со она што претставува власт на Путин. И за Израел мислам дека тоа би било нарушување со една владеачка структура, тоа е структурата со Нетанјаху, а не со Израел како држава и континуитетот на веќе изградените односи со таа држава“.
Инаку експерти на Обединетите нации неодамна ги повикаа сите земји да ја признаат Палестина со цел постигнување мир на Блискиот Исток. Израел, пак, се противи со тврдење дека тоа го зајакнува Хамас. Досега, повеќе од 140 држави ја признаа Палестина како независна држава што е две третини од членките на ОН.