„На Украина и треба сета наша помош. И тоа денеска не донесе тука во Берлин – Путин мора да доживее неуспех, а Украина мора да победи. А ние мора да и помогнеме на Украина да се крене од пепелта и да биде господар на сопствената иднина.“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европсдката комисија.
Врвот на Европската Унија и на европските држави, вклучувајќи ја и Северна Македонија, денеска во Берлин ја повторија недвосмислената поддршка за Украина која речиси 2 и пол години успева, со огромна западна помош, да оддолее на руската агресија. Беше потврдена воена асистенција која треба да помогне на украинската одбрана, истовремено најавени се дополнителни 1,9 милијарди евра финансиска помош, како и една и пол милијарда евра од замрзнати руски средства во странство.
Ние тргнуваме по овој пат со вас драг Володимир, и затоа продолжуваме да работиме денеска овде во Берлин на обновата на силна, слободна, европска Украина.Шолф, канцелар на Германија
„Ние тргнуваме по овој пат со вас драг Володимир, и затоа продолжуваме да работиме денеска овде во Берлин на обновата на силна, слободна, европска Украина. Силата и цврстината, тоа се предусловите за Путин да ги препознае. Ќе нема воена победа и мир. Мора да стави крај на бруталната кампања и да ги повлече војниците“, заклучи Олаф Шолф, канцелар на Германија.
Она што властите во Киев, на краток рок, го очекуваат од Западот е меѓудругото и помош за енергетската инфраструктура на Украина која по интензивирањето на руската офанзива на истокот од земјата е секојдневна мета на воздушни напади.
„Сè додека не ја лишиме Русија од способноста да ја тероризира Украина, Путин ќе нема вистински интерес да бара чесен мир, а неговата илузија дека Украина може да биде избришана со бомбардирање и ракетни напади врз сè што обезбедува живот, ќе остане непроменета.“, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На конференцијата во Берлин, Северна Македонија ја претставува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која, за првпат од преземањето на функцијата во мај, присуствува на ваков меѓународен настан.
Taa се обрати на еден од панелите на настанот на кој, како што информираа од нејзиниот кабинет, рекла дека по Втората светска војна, Маршаловиот план бил израз на солидарност за разрушената Европа, а дека денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина на која и се потребни и инвестиции не само во патната и во енергетската, туку и во човечката, образовната, социјалната инфраструктура..