СКОПЈЕ - Парламентарното мнозинство го прифати предлогот на премиерот за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество – кадри кои во поделбата во Алијанса застанаа зад актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари.
Пред гласањето, кое се случи доцна во ноќта и на кое не присуствуваше опозицијата, премиерот образложи дека смената на двајцата министри не е поради начинот на кој ја извршувале функцијата, туку затоа што во владата не може да има претставници на две опозицикси партии.
„Во основите на Договорот од Пржино, учесници во Владата освен мнозинството се и припадници на најголемата опозиција во Собранието. Министрите чие разрешување се предложува, по објава на претседателот на Алијанса за Албанците на Фејсбук дека од тој момент ќе дејствуваат како опозиција и ќе ја поддржат опозицијата, се изјаснија дека стојат зад декларацијата на претседателот. Законот вели дека не може да има два опозициски субјекти во состав на Владата и тоа е основната причина за што се предлага ова разрешување“, изјави техничкиот премиер Талат Џафери.
Кусо обраќање, пред да биде разрешен, имаше и Меџити. Вината за ваквиот развој на ситуацијата ја гледа кај ДУИ.
„Им се обраќам на сите функционери на СДСМ во оваа Влада - размислете само колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи да бидете неми набљудувачи на ова што ДУИ го прави против интересот на граѓаните. Немото соучесништво е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Мојата чест е чиста“, кажа Меџити од собраниската говорница.
Собраниската седница која траеше со часови помина во атмосфера на меѓусебни обвинувања – остар дуел имаа премиерот и пратеници од опозицијата.
„Антонио Милошоски против тебе се застарени судски предмети, а ти зборуваш за корупција, додека сите кривични пријави против мене биле во постапка и имаат судска завршница“, рече Џафери.
И пратеникот од опозицијата со свој коментар.
„Денеска може да посведочиме дека освен технички премиер, сме избрале и технички обвинител и технички судија, во ликот на големиот Алберт Талат Ајнштајн Џафери“, рече Милошоски
Новите предлози за министри – за здравство Илир Демири и за информатичко општество Наим Бајрами – се луѓе кои се дел од крилото на екс-шефот на Алијанса и актуелен претседавач со Централното собрание на партијата, Зијадин Села, кое денеска ќе заседава и кое, како што беше најавено, ќе побара одговорност од партискиот лидер Таравари.