Линкови за пристапност

Проекциите на Виенскиот институт се дека инфлацијата во Македонија наредната година ќе се намали


Владините антикризни мерки треба да бидат фокусирани на две работи, да се контролира растот на цените, односно да се спречи инфлацијата да ескалира и да се зголемат приходите на луѓето, за да се надомести досегашниот раст на цените, вели Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Според него, мерката за замрзнување на цените треба да продолжи уште неколку месеци идната година.

„Ако прерано се укине таа мерка, ако прерано се одмрзнат цените, сето ова што се постигна во овие месец-два ќе падне во вода. Гледаме дека таа мерка дава резултати, гледаме дека инфлацијата во октомври се намали на 3,5 отсто на месечно ниво, цените имаа пад од 1,5 отсто, што се разбира е малку. Ако сте давале 1.000 ден за едно купување во маркет, сега ќе давате 985 денари.15 денари ќе заштедите и тоа не е ништо“, вели Јовановиќ.

Со владините антикризни мерки да се контролира растот на цените
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:07 0:00

Тој сугерира дека државата сега не треба да дозволи да дојде до зголемување на цената на парното и струјата, но и на данокот за одредени производи, се додека инфлацијата не се стави под контрола.

Во однос на зголемувањето на примањата на граѓаните, најдобро е вели да се користат системските механизми, односно да се зголемат минималната плата, пензиите, социјалната помош, платите на вработените во јавниот сектор, но повеќе отколку што беше инфлацијата изминатата година.

„На пример, ако инфлацијата за 2022 година изнесува околу 10 отсто, тогаш за наредното зголемувања на сите овие работи, кое треба да се случи брзо, мора растот да биде 10 отсто, никако под 10 отсто, затоа што ако растот на примањата е помал од растот на цените, ќе гледаме раст на сиромаштија. Мислам дека нема потреба од специјални мерки за помагање на луѓето“, додава тој.

Во однос на инфлацијата, проекциите на Виенскиот институт се дека таа до крајот на годината ќе остане околу 10 отсто, но дека во 2024-та година ќе изнесува околу 5 отсто.

„Тоа е повеќе од она што беше изминатите 15-20 години. Ние имавме ситуација кога пред 15-20 година, инфлацијата беше 1-2 отсто. Што значи дека наскоро таа ситуација нема да се случи, односно не се очекува да се случи барем до 2025 -2026 година“, вели тој.

Во однос на цените на производите, Јовановиќ вели дека тие се уште се многу високи, и оти има голем простор за нивно намалување.

„Економската наука и пракса укажува на тоа дека кога ќе има инфлаторна епизода, кога цените ќе се покачат, тие после не се намалуваат. Кога бев во Македонија пред еден месец ги споредував цените во супер маркетите со цените овде и се изненадив од она што го трошам во Виена за едно купување го трошам и во Македонија. Се изненадив колку цените во Македонија се покачени, а платите во Австрија се за четири пати повисоки од Македонија“, вели Јовановиќ.

Премиерот Димитар Ковачевски очекува дека со сите мерки кои ги презеле, инфлацијата до крајот на годината ќе биде сведена на 6 отсто, иако од Народната банка очекуваат таа да биде 9,5 отсто. Министерот за економија Бектеши рече дека наскоро ќе почнат со реализација на новите антикризни мерки.

„Податоците се одлични од аспект на намалување на цените на храната, на основните прехранбени производи. Со тоа уште еднаш се потврдува дека Владата и институциите внимателно ги усвојуваат мерките, а мерките секако дека се насочени во интерес на потрошувачите и во делот на ублажување на економската криза“, рече Бектеши.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, за Слободен печат најави дека со мерките ќе бидат опфатени сите пензионери од ранливите категории на пензии. Тие ќе добиваат дополнителна помош најмалку до април наредната година.

XS
SM
MD
LG