Линкови за пристапност

Од „опозицијата е главниот виновник“ до „историски најлош“– поделени реакции за извештајот на ЕК за Северна Македонија


Извештајот е искрен, но правичен – е коментарот на европските дипломати за годишниот рапорт за земјава кој донесе низа критики пред се за отсуството на напредок во судството и во справувањето со корупцијата. Евроамбасадорот Гир кој вчера, зад затворени врати, пред државно-владиниот врв го презентираше извештајот, денеска, јавно, ги анализираше наодите во документот, фокусирајќи се на слабите точки во делот на владеењето на право. Сепак, Гир на извештајот гледа како на начин за охрабрување на сите фактори во државата, и од власта и од опозицијата за, како што вели, да направат многу повеќе за напредок во реформите.

Следниот чекор е јасен – движењето кон преговорите за првиот преговарачки кластер зависи од уставните измени.
Гир, евроамбасадор

„Единствениот пат до ЕУ е преку реформите, тоа значи сеопфатни реформи, како што е наведено во извештајот. Ако сакате да ги уживате поволностите на членство во ЕУ мора да бидете доволно отпорни и подготвени да уживате во тоа, а ние како ЕУ мора да бидеме сигурни дека доаѓате како партнер кој е цврст и отпорен. Затоа, толку многу инвестираме во реформите. Реформите се од суштинско значење. Во однос на уставните измени, јасно е - договорот е дека ги отворивме пристапните преговори, скринингот тече добро, барањето за патокази е доставено... Следниот чекор е јасен – движењето кон преговорите за првиот преговарачки кластер зависи од уставните измени.“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Скопје.

Власта, не негира дека има слабости во функционирањето на процесот на евроинтеграции, но сепак главната вина за остриот речник што Брисел го користи во извештајот ја гледа кај опозицијата.

Ако треба да определам кој е главниот виновник, сигурен сум дека главен виновник може да се лоцира во онаа политичка структура која со години ја блокира својата држава.
Маричиќ, вицепремиер

„Ако треба да определам кој е главниот виновник, сигурен сум дека главен виновник може да се лоцира во онаа политичка структура која со години ја блокира својата држава. Во тоа немам дилема, многу повеќе закони и работи ќе беа направени да не беше таа блокада во собранието. Таа блокада е на секој чекор - дали за Преспанскиот договор, дали за уставните измени, ние секогаш сме се соочувале со сериозни блокади. Тоа не значи дека ние како влада немаме слабости или недостатоци кои треба да се надминат или другите институции кои работат во правосудството немаат недостатоци и слабости...“, оцени Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.

Другата страна повторува дека станува збор за „најлош извештај што досега земјава го добила. За забелешките на ЕК за „блокираната работа“ на парламентот, опозицијата вели дека е задоволна што Брисел тоа го нотирал.

Таа блокада беше реакција кон владата и мнозинството и имаше за цел да го спречи носењето на криминалните закони.

Таа блокада беше реакција кон владата и мнозинството и имаше за цел да го спречи носењето на криминалните закони.
Мичевски, ВМРО-ДПМНЕ

„Ние, како пратеничка група со т.н активна блокада која ја спроведувавме во собранието во ниту еден момент не ги спречивме битните процеси иб битните закони. Таа блокада беше реакција кон владата и мнозинството и имаше за цел да го спречи носењето на криминалните закони.“, коментираше Никола Мичевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сме изненадени од содржината на извештајот“, е ставот на опозицијата од албанскиот блок.

„Ова е жална вест за граѓаните на нашата земја, иако не е нова вест за нас. Коалицијата „Европски Сојуз за Промени“ веќе подолго време предупредува дека оваа за влада интеграцијата во ЕУ не е примарен фокус, бидејќи таа е зафатена со бизнисот на игрите на среќа, како и со зголемување на нивото на корупција.“, истакна Сафије Садики – Шаини од Алтернатива.

Европската комисија меѓу другото нотираше дека земјата се соочува со „предизвици во делот на владеењето на правото, немање напредок во судството и борбата против корупцијата и силна политичка поларизација, пред се во парламентот, поради која било одложено усвојувањето на низа закони важни за ЕУ-реформите.

XS
SM
MD
LG