Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се очекува да се појави во четврток во федералниот суд во Вашингтон за да се соочи со обвиненијата за неговите обиди да го поништи поразот од изборите во 2020 година.
Безбедноста е засилена во областа околу судската зграда. Се очекува на Трамп да му бидат земени отпечатоци од прсти и да се изјасни за невин.
Големата порота неделава го обвини Трамп за четири кривични дела, вклучително и заговор за измама на САД, попречување на официјална постапка и заговор за лишување на гласачите од нивното право на фер избори.
Обвинителите во обвинителниот акт наведоа дека Трамп постојано изнесувал тврдења за изборна измама за кои знаел дека не се точни и дека вршел притисок врз државните изборни претставници и тогашниот потпретседател Мајк Пенс да дејствуваат за да го задржат Трамп на власт.
Толпа приврзаници на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари додека членовите на Конгресот се состанаа за да ги потврдат изборните резултати. Трамп негираше дека сторил нешто лошо.
Откако ја напушти функцијата, тој постојано тврдеше дека изборите во 2020 година биле лажни и ги оквалификуваше истрагите против него како политички мотивирани.
Тој останува водечки кандидат за републиканска номинација на претседателските избори во 2024 година.
Трамп веќе се изјасни за невин во два други кривични случаи.