Линкови за пристапност

Откажана прес конференцијата на која министерот Бектеши требаше да информира за „Иловица“


Нејасно е што ќе реферира министерот Бектеши денес пред премиерот, бидејќи тврди дека сите документи се доставени уште пред речиси еден месец. Владата и Бектеши треба да објаснат што ќе содржи новиот анекс договор со „Еуромакс“ по спојувањето на двете концесии и според кои закони одново течат роковите од четири години, период во кој „Еуромакс“ треба да ја собере и достави документацијата за да добие дозвола за ископ на бакар и злато. Премиерот и министрите остануваат на ставот дека рудник нема да има, локалното население и екологистите најавуваат протести доколку Владата не ја повлече одлуката за спојување на концесиите

СКОПЈЕ – „Рефератот“ на министерот за економија Крешник Бектеши за рудникот „Иловица“ и дикусијата меѓу министрите во Владата се оддложи, па затоа се одложи прес конференцијата на која што тој требаше да ѝ објасни на јавноста што точно се случува, што презела и што ќе преземе Владата и да ги образложи досегашните одлуки.

Прес конференцијата беше закажана за 14 часот, но по еден и пол час доценње од владината служба и неговиот кабиент ги известија медиумите присутни на владиниот прес дека таа се откажува бидејќи седницата на Владата почнала со доцнење, претходела тематска седница, а дискусијата околу точката за „Иловица“ сеуште трае.

Кога ќе биде закажана прес конференцијата од Владата дополнително ќе соопштат.

Премиерот Ковачевски го задолжи министерот Бектеши на денешната седница да реферира за сите управни и судски постапки, односно одлуки, заклучоци барања и дозволи поврзани со „Иловица – Штука“ и ископот на бакар и злато. Барањето дојде откако на 27 јуни, на седница на Владата, беше донесена одлука за спојување на двете концесии што наиде на негодување на екологистите и голем дел од локалното население а јавноста побара одговори.

Тројца министри од владиниот кабинет, Спасовски, Петровска и Шукова дури изјавија дека се чувствуваат изиграни и измамени и дека на гласањето не му претходела никаква дискусија.

Сепак тоа се испостави како неточно бидејќи министерот Бектеши на брифинг со медиумте минатата недела покажа дека сите документи поврзани со Иловица биле доставени пред седницата на Владата и дека дваесетина минути траела дискусијата пред да се гласа, а тоа го потврди и вицепремиерот Битиќи. Останува прашањето зошто тројцата министри тврдеа нешто што не е вистина, а на тоа мора да се додаде и фактот дека Владата одбива да го достави записникот од седницата до медиумите кои го побараа.

Од Владата нема одговор и која е итноста, бидејќи точката за гласање за спојување на двете концесии беше поставена како дополнителна.

На прес конференцијата што дополнително ќе се закаже министерот Бектеши ќе треба да објасни што е новото и кои се дополнителните материјали кои ги доставила реферирајќи од оние кои веќе еден месец се во Владиниот електронски систем.

Владата донесе одлука за спојување на двете концесии за рудникот „Иловица“ и одлуката првично ја образложи дека е насоки во пресуда од Управниот суд што се испостави како неточно, а потоа се повика на членот 61 од законот за минереални суровини каде јасно стои дека може но и не мора да ги спои концесиите.

Сега на Бектеши и Владата е да објаснат каков анекс на договор ќе потпишат со „Еуромакс“ и по кој основ повторно тече рокот од четири години за прибирање на неопходната документација за издавање на дозвола за ископ.

Премиерот и министрите од владечката СДСМ се на ставот дека рудник нема да има, што е спротивно на одлуката која тие самите ја изгласаа, додека министерот Бектеши соопшти дека доколку е потребно уште сто пати ќе достави предлог за спојување на концесиите за, како што тврди, да ги заштити интересите на државата поради можноста за поведување на арбитражен спор.

XS
SM
MD
LG