Линкови за пристапност

Одлуката за спојување на концесии за „Иловица“ утре пред владиниот кабинет


Дел од министрите од владечката СДСМ се дистанцираа од одлуката но и од сопствените изјaви дека се „изманипулирани“ од министерот Бектеши. Ставот на партијата е идентичен со оној на граѓаните – рудник не треба да има. Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвинуваат за криминал. Останува нејасно како одлуката се нашла на дневен ред на седница и дали се запазени сите законски и деловнички процедури


СКОПЈЕ – Комплетна информација со целосна документација со која располага министерството за економија која се однесува на одлуката на Управен суд и одлуката за спојување на концесии за ископ на минерални суровини за „Иловица – Штука“, утре пред владиниот кабинет ќе ја презентира министерот Крешник Бектеши. Потоа Владата ќе изгради стави дали одлуката ќе треба да се преиспита.

„На утрешната седница ќе имаме поопширна информација од страна на министерот за економија и од вработените во Министерството за економија кои работат во правниот сектор каде што се доделуваат концесиите за да ни образложат се`, сите судски одлуки, сите дополнителни документи што ги имаат издадено, и утре ќе ја преиспитуваме одлуката за спојувањето на концесиите “, изјави Јована Тренчевска, Министерка за труд и социјална политика.

Ставот на партијата е дека рудник не треба да има.

„ Рудник нема да има, затоа што ставот на министрите од СДСМ е ист со ставот на граѓаните од општините во струмичкиот регион, Ново Село, Босилово и Василево. Гласањето за таа точка на самата седница беше ставено дополнително, и вообичаено кога имаме дополнителни точки образложението што го дава министерот надлежен за одреден ресор е образложение на коешто ние се потпираме и затоа ја гласавме точката“, рече Тренчевска.

Според министерката коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ не е загрозена поради рудникот „Иловица“ бидејќи Владата има консензус околу генералните политики и важноста на земјоделството за државата.

Засега е нејасно дали се запазени сите процедури во Министерството за економија и во Владата, пред одлуката да се стави како дополнителна точка на седница на Влада одржана на 27 јуни. Без расправа или прашања одлуката е изгласана едногласно бидејќи според првичните и засега непотврдени информации министерот Бектеши презентирал документ според кој Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите.

Останува неодговорено дали Управен суд наложува да се спојат концесиите.

Во саботата во Струмица се одржа граѓански протест против одлуката на Владата за спојување на концесиите и бараа рудниците да не се отворат.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвини дека станува збор за интереси и штитење на бизнисмен близок до ДУИ. Станува збор за Назиф Дестани, сопственик на фирмата „Еколог“ кој се поврзува со холандска компанија која неодамна купи 25 отсто од акциите на концесионерот „Еуромакс“.

„Истата таа влада на СДС и ДУИ дозволува проектот да отпочне, а на сето тоа му претходи преземање на „Еуромакс Ресурсис“ од страна на бизнисмен кој важи за близок до ДУИ, Дестани. Истиот тој Дестани, за кој во јавноста се тврди кој нема ниту еден ден искуство, ниту некаква експертиза од копање на злато, треба да ги убеди граѓаните во струмичко дека тој ќе работи по стандарди и средината нема да се контаминира. Зарем некој ќе поверува? Почитувани, проектот Иловица е исклучиво за ќар на СДС и ДУИ“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО - ДПМНЕ.

Двете најголеми партии од македонскиот политички блок продолжија со меѓусебните обвинувања околу тоа кој ја издал концесијата за „Иловица“ – опозицијата тврди дека тоа е во 2006 година кога премиер бил Владо Бучковски од СДСМ а министер за економија бил актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, додека од СДСМ пак овбвинуваат дека тоа е сторено во 2012 година кога премиер бил Никола Груевски а министер за финансии бил Зоран Ставревски.

XS
SM
MD
LG