Сојузниците на Украина ветија десетици милијарди долари грантови и заеми за да помогнат во обновата на земјата по руската инвазија на конференцијата во Лондон.
Стотици илјади украински домови, училишта, болници, фабрики и јавни згради се уништени од инвазијата на руските сили, преку гранатирање, ракетни напади и намерно таргетирање на нејзината инфраструктура.
Полињата се минирани; отсечени се патни и железнички врски; а неодамна и браната Каховка беше крената во воздух, создавајќи еколошка катастрофа.
Светската банка неодамна ги процени трошоците за реконструкција на 411 милијарди долари по една година конфликт, што е еднакво на три пати повеќе од годишното економско производство на Украина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати на Конференцијата за обнова на Украина преку видео врска од Киев.
„Во моментов нема место во светот каде што има потреба од изградба и обнова на толку многу објекти како во Украина. Секој нов ден на руска агресија, носи нови урнатини“, рече Зеленски. Претседателот вети дека ќе ја зајакне демократијата во Украина.
Европската унија вети дополнителни 55 милијарди долари заеми и грантови на конференцијата, покрај 30-те милијарди долари дадени на Украина минатата година.
Велика Британија вети 3 милијарди долари, додека САД треба да дадат дополнителни 1,3 милијарди долари помош за обновување. Новите средства се додаток на помошта од околу 63 милијарди долари од САД, обезбедена за Украина од февруари минатата година, според Стејт департментот.