Украинската прва дама Олена Зеленска оваа недела беше во Израел на средба со израелски експерти за траума и рехабилитација, барајќи поддршка за трупите на земјата, како и за цивилите трауматизирани од руската инвазија.
Украинската прва дама се надева дека Украина може да има корист од искуството на Израел.
„За жал, како што спомна вашата прва дама, вашата земја има уникатно искуство во оваа област, но сепак можете да преживеете и да напредувате под постојани непријателски напади“, рече Зеленска.
Таа вели дека истражувањата покажуваат оти повеќето Украинци сега имаат анксиозни нарушувања и посттрауматско стресно растројство, од што страда не само војската, туку и цивилите и децата кои биле сведоци на убиството на нивните родители.
Од почетокот на војната, израелските организации за траума се активни во обуката на украинските професионалци, и во Израел и во Украина.
Експертите велат дека четири милиони украински деца се особено ранливи и може да им се помогне со израелските програми насочени кон децата.
Зеленска, исто така, имаше увид во најновата технологија за рехабилитација развиена за лекување на израелски војници и цивили ранети во војна.
Потребите за физичко и ментално здравје на Украинците кои се соочуваат со војна беа во фокусот на посетата на Зеленска во Израел, а таа покани израелски професионалци на Меѓународниот самит за ментално здравје што го свикува во Киев во септември.