Кинеската вселенска програма планира да постави астронаути на Месечината пред 2030 година и да ја прошири вселенска станица на државата, соопштија денес официјални лица.
Соопштението доаѓа во позадината на ривалството со САД за постигнување нови пресвртници во вселената, како одраз на нивната конкуренција за влијание врз глобалните настани.
Тоа ги поттикна сеќавањата на вселенската трка меѓу САД и поранешниот Советски Сојуз во 1960-тите и 1970-тите, иако се верува дека американските трошоци, синџири на снабдување и способности имаат значителна предност пред Кина, барем во моментов.
САД имаат цел да ги вратат астронаутите на површината на Месечината до крајот на 2025 година, како дел од обновената посветеност на мисии со екипаж, помогнати од играчи од приватниот сектор, како што се „СпејсЕкс“ и „Блу Ориџин“.
Заменик-директорот на кинеската вселенска агенција ги потврди двојните цели на прес-конференција, но не даде конкретни датуми.
Агенцијата, исто така, претстави тројца астронаути кои ќе се упатат кон вселенската станица со лансирање закажано за вторник наутро. Тие ќе заменат екипаж што е на орбиталната станица шест месеци.
Кина најпрво се подготвува за „краток престој на површината на Месечината и заедничко истражување од луѓе и роботи“, им рече на новинарите заменик-директорот на кинеската вселенска агенција за екипаж Лин Ксичијанг на реткиот брифинг од воената програма.
„Имаме комплетна човечка вселенска станица блиску до Земјата и систем за транспорт на луѓе за повратен пат, надополнет со процес за избор, обука и поддршка на нови астронаути“, рече тој.
Распоредот од две мисии со екипаж годишно е „доволен за извршување нашите цели“, рече Лин.
Се вели дека вселенската станица била завршена во ноември кога бил додаден третиот дел.
Четвртиот модул ќе биде лансиран „во соодветно време за да се унапреди поддршката за научни експерименти и да му се обезбеди на екипажот подобрени работни и животни услови“.
Вселената се повеќе се гледа како нова област на конкуренција меѓу Кина и САД - двете најголеми светски економии и ривали за дипломатско и воено влијание, од кои едната е високо централизирана, еднопартиска држава, а другата демократија, каде партизанската поделба во голема мера се губи околу прашањата за односите со Кина и истражувањето на вселената.
Астронаутите што НАСА ќе ги испрати на Месечината до крајот на 2025 година ќе се стремат кон јужниот пол каде што се верува дека трајно засенчените кратери се преполни со замрзната вода.
Плановите за постојани бази со екипаж на Месечината, исто така, се разгледуваат од двете земји, што покренува прашања за правата и интересите на површината на Месечината.
Американскиот закон строго ја ограничува соработката меѓу вселенските програми на двете земји, и додека Кина вели дека ги поздравува странските соработки, тие досега беа ограничени на научни истражувања.