Линкови за пристапност

Ерменија и Азербејџан постигнаа видлив напредок во мировните разговори, рече Блинкен


Четиридневната преговарачка сесија не доведе до мировен договор, но Блинкен рече дека верува оти договорот е на повидок
Четиридневната преговарачка сесија не доведе до мировен договор, но Блинкен рече дека верува оти договорот е на повидок

Азербејџан и Ерменија постигнаа „опиплив напредок“ кон постигнување договор во мировните преговори во Вашингтон во изминатите неколку дена, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Четиридневната преговарачка сесија не доведе до мировен договор, но Блинкен рече дека верува оти договорот е „на повидок, на дофат“.

Разговорите, кои започнаа во неделата, беа свикани бидејќи тензиите меѓу соседните, поранешни советски републики се зголемија во последните месеци поради блокадата на Лачинскиот коридор од страна на Азербејџан.

Коридорот е единствената копнена рута што ѝ дава на Ерменија директен пристап до спорниот регион Нагорно-Карабах, каде што етничките Ерменци се мнозинство.

„Двете страни разговараа за некои многу тешки прашања во последните неколку дена и постигнаа опиплив напредок за траен мировен договор“, рече Блинкен на завршната сесија за преговори.

Тој рече дека постигнувањето договор ќе биде „не само историско, туку ќе биде длабоко во интерес на народот на Азербејџан и Ерменија и ќе има многу позитивни ефекти дури и надвор од нивните две земји“.

Блинкен, исто така, рече дека Вашингтон ќе продолжи да им помага на двете земји да постигнат конечен договор.

Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов, кои ги предводеа нивните делегации, не зборуваа на церемонијата на затворање.

Двете страни се состанаа во дипломатскиот објект на Стејт департментот во Арлингтон, Вирџинија.

На телефонски брифинг, висок функционер на Стејт департментот им рече на новинарите во понеделникот дека САД очекуваат разговорите да завршат со „комерцијално движење на стоки“ наскоро во блокираниот Лачински коридор,

„Во последните неколку месеци бевме многу јасни за важноста да се обезбеди слободно движење на комерцијалниот и хуманитарен сообраќај и луѓето низ Лачинскиот коридор меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах. Ние продолжуваме да се вклучуваме во тие дискусии“, изјави официјален претставник.

Блинкен рано во понеделникот имаше одделни состаноци со ерменскиот министер за надворешни работи и неговиот азербејџански колега.

Состаноците во понеделникот се случија по разговорот на Блинкен со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во неделата, кога највисокиот американски дипломат го повтори повикот на Вашингтон за повторно отворање на копнената рута „за комерцијални и приватни возила што е можно поскоро“.

Стејт департментот изрази „длабока загриженост“ дека воспоставувањето контролен пункт од страна на Азербејџан на Лачинскиот коридор ги поткопува напорите за мировни разговори.

Претставник од Министерството за надворешни работи на Ерменија рече дека работната посета на Мирзојан на САД е да разговара за „договорот за нормализација на односите“ со Азербејџан.

Двете земји имаа децениски конфликт во кој е вклучен и регионот Нагорно-Карабах, кој е во Азербејџан, но населен главно со етнички Ерменци.

Лачинскиот коридор им овозможува на испораките од Ерменија да стигнат до 120.000 етнички Ерменци во планинската енклава и од декември 2020 година е контролиран од руски мировници.

Шефицата на бирото на Глас на Америка во Стејт департмент Најки Чинг придонесе за овој извештај

XS
SM
MD
LG