Стејт департментот соопшти дека мировните разговори меѓу дипломатите од Аменија и Азербејџан што се одржуваат надвор од Вашингтон се очекува да завршат денес.
Во соопштението, Стејт департментот рече дека државниот секретар Ентони Блинкен ќе учествува на завршната сесија на билатералните разговори меѓу министерот за надворешни работи на Ерменија Арарат Мирзојан и министерот за надворешни работи на Азербејџан Џејхун Бајрамов непосредно пред 14 часот, локално време во Вашингтон.
Двете страни се состанаа во дипломатскиот објект на Стејт департментот во Арлингтон, Вирџинија.
Разговорите беа свикани бидејќи тензиите меѓу соседните, поранешни советски републики се зголемија во последните месеци поради блокадата на Азербејџан на Лачинскиот коридор, кој е единствената копнена рута што ѝ дава директен пристап на Ерменија до спорниот регион Нагорно-Карабах.
Во телефонскиот брифинг, висок функционер на Стејт департментот, им рече на новинарите дека САД очекуваат разговорите да завршат со „комерцијално движење на стоки“ наскоро во блокираниот Лачинскиот коридор.
Официјалниот претставник рече:
„Во последните неколку месеци бевме многу јасни за важноста да се обезбеди слободно движење на комерцијален и хуманитарен сообраќај и луѓе низ Лачинскиот коридор меѓу Ерменија и Нагорно-Карабах. Продолжуваме да се вклучуваме во тие дискусии“.
Рано во понеделникот, државниот секретар Блинкен одржа одделни состаноци со ерменскиот министер за надворешни работи и неговиот азербејџански колега.
Состаноците во понеделникот се случија по разговорот на Блинкен со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во неделата, при кој тој го повтори повикот на Вашингтон за повторно отворање на копнената рута „за комерцијални и приватни возила што е можно поскоро“.
Стејт департментот изрази „длабока загриженост“ дека воспоставувањето контролен пункт од Азербејџан на Лачинскиот коридор ги поткопува напорите за мировни преговори.
Претставник од Министерството за надворешни работи на Ерменија рече дека работната посета на Мирзојан на САД е да разговара за „договорот за нормализација на односите“ со Азербејџан.
Двете земји имаа повеќедецениски конфликт во кој беше вклучен и регионот Нагорно-Карабах, кој е во Азербејџан, но населен главно со етнички Ерменци.
Лачинскиот коридор им овозможува на испораките од Ерменија да стигнат до 120.000 етнички Ерменци во планинската енклава и од декември 2020 година е контролиран од руски мировници.