Глобалните температури најверојатно ќе достигнат нови рекорди оваа година со предвидениот почеток на Ел Нино, природен феномен кој обично се поврзува со затоплувањето на Планетата.
„Развојот на Ел Нино најверојатно ќе доведе до нов скок на глобалното загревање и ќе ги зголеми шансите за соборување на температурни рекорди“, рече Петри Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација.
Тоа е лоша вест за глобалните напори за намалување на климатските промени.
Таалас истакна дека почетокот на Ел Нино ги следи осумте најтопли години досега „иако имавме студен бран од Ла Нина во изминатите три години и тоа дејствуваше како привремена кочница за зголемувањето на глобалната температура“.
Ел Нино е природна климатска шема поврзана со затоплувањето на температурите на површината на океаните во централниот и источниот тропски Тихи Океан.
Од друга страна, Ла Нина се однесува на периодичното ладење на температурите на површината на океаните.
Неодамнешниот невообичаено долготраен настан Ла Нина, кој започна во 2020 година, сега заврши. Вилфран Муфоума Окиа, шеф на регионалниот оддел за услуги за предвидување на климата на Светската метеоролошка организација, рече дека научните модели покажуваат дека Ла Нина моментално е во неутрална состојба и се движи кон друга фаза.
„Следните месеци од мај до јули, имаме 60 проценти шанса да влеземе во фаза на Ел Нино. Оваа веројатност ќе се зголеми на 70 проценти во периодот од јули до август, па дури и до 80 проценти, ако го поминеме август“, рече тој.
„Но, се разбира, надвор од тоа не можеме да кажеме многу“. Тој рече дека еволуцијата на Ел Нино оваа година ќе ги промени временските и климатските модели ширум светот во споредба со она што постоело во текот на изминатите три последователни години на Ла Нина.
Ел Нино ќе ја подгрее температурата на глобално ниво.
„Значи, очекуваме во наредните две години да имаме сериозно зголемување на глобалната температура“, рече тој.
Научниците велат дека концентрациите на два важни стакленички гасови, метан и јаглерод диоксид, кои доведуваат до глобално затоплување и климатски промени, значително се зголемуваат во текот на годината на Ел Нино. СМО вели дека ефектот врз глобалните температури обично се појавува во годината по развојот на Ел Нино и најверојатно ќе стане очигледен во 2024 година.
„Светот треба да се подготви за развојот на Ел Нино, кој често се поврзува со зголемена топлина, суша или врнежи во различни делови на светот“, рече Таалас.
„Тоа може да донесе одмор од сушата во Рогот на Африка и други влијанија поврзани со Ла Нина, но исто така може да предизвика поекстремни временски и климатски настани“, вели тој. На пример, СМО рече дека Ел Нино најверојатно ќе предизвика обилни врнежи во делови од јужна Јужна Америка, јужниот дел на САД, Рогот на Африка и Централна Азија. Спротивно на тоа, Ел Нино може да предизвика сериозни суши над Австралија, Индонезија и делови од јужна Азија.
Шефот на СМО, Таалас, предупредува дека екстремните временски настани што ќе ги предизвика Ел Нино „ја нагласува потребата од иницијативата на ОН „Рани предупредувања за сите“ за да се заштитат луѓето.