Линкови за пристапност

Се надевам дека Нетанјаху ќе се откаже од планот за реформи во судството, рече Бајден


Израелскиот лидер одговори дека не донесува одлуки врз основа на притисок од странство
Израелскиот лидер одговори дека не донесува одлуки врз основа на притисок од странство

Претседателот на САД Џо Бајден денес го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да се откаже од предлогот за реформи во судството што доведе до масовни протести во Израел, поттикнувајќи го израелскиот лидер да изјави дека не донесува одлуки врз основа на притисок од странство.

Нетанјаху вчера го одложи предлогот за реформи откако голем број луѓе излегоа на улиците во знак на протест. Белата куќа првично рече дека Нетанјаху треба да бара компромис за ова прашање.

Но, Бајден отиде подалеку денес во одговарањето на прашања од новинарите.

„Се надевам дека ќе се оддалечи од тоа“, рече Бајден, осврнувајќи се на судскиот предлог што ќе ѝ даде на израелската влада поголема контрола врз назначувањата во Врховниот суд на земјата.

Нетанјаху брзо излезе со соопштение како одговор.

„Израел е суверена земја која своите одлуки ги носи според волјата на својот народ, а не врз основа на притисоци од странство, вклучително и од најдобрите пријатели“, рече тој.

Нетанјаху рече дека неговата администрација се стреми да направи реформи „преку широк консензус“.

„Го познавам претседателот Бајден повеќе од 40 години и ја ценам неговата долгогодишна посветеност на Израел“, рече тој, нагласувајќи дека сојузот Израел-САД е нераскинлив и оти „секогаш ги надминува повремените меѓусебни несогласувања“.

„Мојата администрација е посветена на зајакнување на демократијата преку враќање на соодветната рамнотежа меѓу трите гранки на власта, што се стремиме да го постигнеме преку широк консензус“, рече Нетанјаху.

Плановите на коалицијата на Нетанјаху да ја предаде контролата врз судските назначувања на извршната власт, ја предизвикаа една од најголемите внатрешни кризи во израелската историја.

Доцна вчера, Нетанјаху ја објави својата одлука да ги суспендира плановите додека парламентот не се врати од пауза следниот месец. Нетанјаху рече дека кризата бара од сите страни да дејствуваат одговорно.

„Ние сме среде криза што го загрозува основното единство меѓу нас“, рече тој во телевизиското обраќање во ударен термин.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG