Линкови за пристапност

Ризикот од катастрофа во нуклеарката Запорожје е реален, предупреди Гроси


Украина повика на вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН, откако рускиот претседател Владимир Путин најави стационирање на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија
Украина повика на вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН, откако рускиот претседател Владимир Путин најави стационирање на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија

Шефот на Агенцијата за атомска енергија на ОН Рафаел Гроси се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во украинскиот град Запорожје, околу 50 километри североисточно од истоимената нуклеарна централа.

Преку твит, Гроси предупреди дека хидроцентралата Днипро е од суштинско значење за нуклеарната безбедност на централата. Тој, исто така, му рече на Зеленски дека опасната ситуација во најголемата европска нуклеарна централа „не се подобрува“ бидејќи немилосрдните борби во областа го држат објектот во опасност од катастрофа.

На почетокот на овој месец, борбите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија на централата на половина ден, принудувајќи го персоналот да ги активира резервните генератори.

„И ако дозволиме ова да продолжи од време на време, еден ден нашата среќа ќе ја снема“, рече тој.

Гроси, исто така, ја повтори целосната поддршка на Меѓународната агенција за атомска енергија за заштита на нуклеарните капацитети на Украина.

Украина повика на вонреден состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации како одговор на најавата на рускиот претседател Владимир Путин за плановите за стационирање на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Украинското министерство за надворешни работи соопшти дека потегот на Путин е „провокативен“ и ја поткопува меѓународната безбедност.

Русија може да запре каква било акција во Советот за безбедност како една од петте постојани членки со право на вето. Украина рече дека очекува „ефективни мерки“ од другите четири постојани членки - Велика Британија, Кина, Франција и САД, велејќи дека тие земји „ја носат примарна одговорност за спречување закани од агресија со употреба на нуклеарно оружје“.

Путин го најави распоредувањето на тактичкото нуклеарно оружје во саботата, велејќи дека тоа е оправдано поради зголемената воена поддршка на Западот за украинските сили, вклучително и минатонеделната одлука на Британија да испрати оклопни куршуми кои содржат осиромашен ураниум во Украина.

Путин рече дека руското позиционирање на тактички нуклеарно оружје во Белорусија не се разликува од тоа што САД ставаат нуклеарно оружје во Белгија, Германија, Италија, Холандија и Турција.

„Ние го правиме она што тие го правеа со децении, стационирајќи ги во одредени сојузнички земји, подготвувајќи ги платформите за лансирање и обучувајќи ги нивните екипи“, рече рускиот лидер.

Путин рече дека белорускиот претседател Александар Лукашенко долго време бара да има нуклеарно оружје во неговата земја за да се спротивстави на можните закани од НАТО.

Портпаролката на НАТ ги нарече погрешни руските споредби со нуклеарното распоредување од страна на членките на НАТО, велејќи: „Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорна“.

Путин рече дека Русија ќе ја задржи контролата врз неоткриениот број нуклеарно оруже што тој го испраќа во Белорусија и оти ќе изгради складишта до 1 јули.

САД соопштија дека ќе ги „следат импликациите“ од најавата на Путин.

Советот за национална безбеднострече дека досега Вашингтон не видел „никакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје“ во нападот врз Украина.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG