САД утврдија дека припадниците на етиопските национални одбранбени сили, одбранбените сили на Еритреја, силите на народноослободителниот фронт Тигра и силите Амхара извршиле воени злосторства за време на конфликтот во северна Етиопија, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Членовите на етиопските национални одбранбени сили, еритрејските сили и силите на Амхара, исто така, извршиле злосторства против човештвото, им рече Блинкен на новинарите, вклучително и убиства, силувања и други форми на сексуално насилство и прогон.
Припадниците на силите на Амхара извршија злосторство против човештвото за депортација или присилно пренесување и извршија етничко чистењево западниот дел на Тигра, рече Блинкен.
Одлуката доаѓа по минатонеделното патување на главниот американски дипломат во Етиопија, каде што тој го пофали напредокот во спроведувањето на мировниот договор во земјата.
Етиопската влада и силите од Тигра потпишаа примирје во ноември, со што ставија крај на конфликтот во кој загинаа десетици илјади луѓе, стотици илјади беа соочени со глад и раселени милиони.
Портпаролот на етиопската влада не одговори веднаш на барањето за коментар за изјавата на Блинкен. Портпаролот на премиерот Аби Ахмед, исто така, не одговори на барањата за коментар.
Дополнително, портпаролот на етиопската армија, министерот за информации на Еритреја, официјалниот претставник на силите на народноослободителниот фронт Тигра и портпаролот на регионалната влада на Амхара,не одговорија на барањата за коментар.
Блинкен, на неговиот состанок со Аби минатата недела, разговараше за „важноста од одговорност за злосторствата извршени од сите страни за време на конфликтот, како и за потребата од инклузивен и сеопфатен процес на транзициска правда“, соопшти Стејт департментот.
Етиопија, втората најнаселена нација во Африка и традиционално сојузник на САД во Источна Африка, го обвини Вашингтон за мешање во нејзините внатрешни работи и се закани дека ќе ги преиспита билатералните односи.
Дражвата ги негираше најсериозните наводи за кршење на човековите права за време на војната.
Извор: Ројтерс