Американската војска соопшти дека руски борбен авион се судрил со американско разузнавачко и надзорно беспилотно летало кое дејствувало во меѓународниот воздушен простор над Црното Море, што предизвикало пад на дронот.
Американски воен претставник изјави за Гласот на Америка дека американскиот дрон MQ-9 сè уште не е повратен.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека САД го повикале рускиот амбасадор поради инцидентот.
„Ние директно се ангажираме со Русите, повторно на високи нивоа, за да ги пренесеме нашите силни приговори за ова небезбедно и непрофесионално пресретнување, кое предизвика соборување на беспилотниот американски авион“.
Тој додаде дека американската амбасадорка во Русија Лин Трејси „пренела силна порака до руското Министерство за надворешни работи“.
Американскиот претседател Џо Бајден бил информиран за инцидентот, според портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.
„Ако пораката од Русија е дека сакаат да не` одвратат или одвратат од летање и оперирање во меѓународниот воздушен простор над Црното Море, тогаш таа порака ќе пропадне бидејќи тоа нема да се случи“, изјави Кирби за Гласот на Америка.
„Ќе продолжиме да летаме и да оперираме во меѓународниот воздушен простор над меѓународните води. Црното Море не припаѓа на ниту една нација и ние ќе продолжиме да го правиме она што треба да го направиме за нашите сопствени национални безбедносни интереси во тој дел од светот“.
Според Европската команда на САД, која ги надгледува американските воени операции во Европа, два руски авиона Су-27 „фрлија гориво и полетаа пред MQ-9 на непромислен, нездрав за средината и непрофесионален начин“.
„Еден од руските авиони Су-27 го погоди пропелерот на MQ-9, поради што американските сили мораа да го урнат MQ-9 во меѓународни води. Овој инцидент покажува недостаток на компетентност, покрај тоа што е небезбеден и непрофесионален“, додаде Европската команда на САД.
Генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Б. Хекер, командант на воздухопловните сили на САД за Европа и воздухопловните сили на Африка, во соопштението до медиумите рече дека судирот „речиси предизвикал пад на двата авиона“.
Европската команда на САД ги повика руските сили да дејствуваат „професионално и безбедно“, истовремено предупредувајќи дека ваквиот тип на постапки се „опасни и може да доведат до погрешна пресметка и ненамерна ескалација“.